Граѓаните бараат повеќе јавно достапни паркинзи за велосипеди

96

Јавната онлајн анкета покажала дека граѓаните најчесто го користат велосипедот како превозно средство за движење низ општините Центар, Карпош и Аеродром. Оценувајќи ја велосипедската инфраструктура, речиси половина од испитаниците (48,2%) изјавиле дека немало никакви нови инвестиции во последната година ипол. Еден од главните заклучоци на јавната анкета е и дека граѓаните не се задоволни од бројот на јавно достапни паркинзи за велосипеди, а и оние што ги има, во најголем дел ги сметаат за нефункционални

Општините Центар и Аеродром ја понесоа титулата „Највело општина“ во Скопје и околината за 2023 година. Центар освои 49 бодови од можни 100 и е избрана од жири-комисијата составена од претставници на Здружението на граѓани Центар за одржливи иницијативи и на групата ентузијасти „НаТочак“, а Аеродром со освоени најмногу поени на јавната онлајн анкета пополнета од повеќе од 1.000 граѓани.

Јавната онлајн анкета покажала дека граѓаните најчесто го користат велосипедот како превозно средство за движење низ општините Центар, Карпош и Аеродром. Оценувајќи ја велосипедската инфраструктура, речиси половина од испитаниците (48,2%) изјавиле дека немало никакви нови инвестиции во последната година ипол.

Една третина од испитаниците (37,4%), исто така, изјавија дека нивната општина не презема ништо за безбедноста на велосипедистите. Голем дел од граѓаните кои ги споделија своите мислења со нас велат дека не се чувствуваат безбедно да возат велосипеди со детско седиште или деца да возат сами, нагласувајќи дека може да биде особено ризично – посочи Дарко Арсовски од „На точак“. 

Еден од главните заклучоци на јавната анкета е и дека граѓаните не се задоволни од бројот на јавно достапни паркинзи за велосипеди, а и оние што ги има, во најголем дел ги сметаат за нефункционални.

Општина Центар како највело општина за 2023 доби вело-паркинг изведен по универзален дизајн. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја поздрави иницијативата и најави нови проекти за унапредување на вело инфраструктурата во рамки на општината. Воедно, соопшти дека преку општинскиот Совет е донесена и одлука за поставување задолжителен паркинг простор во секој нов изграден проект во Општина Центар.

– Да покажеме како општина дека се грижиме за нашите граѓани преку развивање на здрави навики, да бидеме мотивација за жителите од Центар што повеќе да возат велосипеди, тротинети, односно превозни средства што го заштитуваат и здравјето на луѓето и животната средина – порача Герасимовски. 

– Оваа награда а потврда на заложбите на Општина Аеродром за подобрување и унапредување на мобилноста на локално ниво, но и поттик да се работи и понатаму во делот на велосипедската инфраструктура. Целта на наградата е преку позитивен пример да влијае на зголемување на заложбите на локалната самоуправа за подобрување на велосипедската инфраструктура, а со тоа и за климатска акција. Благодарност до граѓаните за поддршката. Ние остануваме посветени на промоција на урбаната мобилност и здравиот начин на живот. Во следниот период продолжуваат активностите за прифаќање на новите еколошки и инфраструктурни предизвици, но и конкретните активности за вклучување во климатските акции кои ќе придонесат за почиста општина и позелено опкружување – велат од Аеродром.

Исто така, награда за рурална општина со најголем исчекор е доделена на Илинден.

– Оваа општина покажа значителен и најголем напредок за разлика од останатите рурални општини, инвестирајќи во нова велосипедска инфраструктура – вело- патеки и паркинзи – велат од Центарот за одржливи иницијативи. 

Покрај овие три, жири комисијата одлучи да додели уште две награди – за најповрзувачка општина и општина со најголем потенцијал. Посебно признание од комисијата доби Општина Гази Баба за остварување на велосипедска рекреативна инфраструктура долж Вардар,која воедно служи за поврзување со општините Аеродром, Центар и Карпош.

Општина Петровец, пак, го понесе признанието за општина со најголем потенцијал поради покажаниот интерес да инвестира во велосипедската инфраструктура преку изведбата на првата вело патека во општината, која го поврзува Скопскиот регион со светот. 

Мери Бакалова-Стојанова од Здружението на граѓани Центар за одржливи иницијативи нагласи дека целта на овие награди е општините преку позитивен пример да ги зголемат заложбите за подобрување на велосипедската инфраструктура, а со тоа и за климатска акција, надевајќи се дека изборот ќе продолжи и во иднина и ќе стане традиција.

На сите победнички општини им беа врачени статуетки, рачно изработени од волонтери-креативци во Столарска едукативна работилница.

(А.П.)