Граѓанинот сака пристапни, брзи и транспарентни услуги

25

Во услови на децентрализација и во услови кога општините се надлежни за испорака на многу важни услуги за граѓаните, процесот на дигитализација треба да се одвива паралелно на централно и на локално ниво, затоа што граѓанинот во основа не го интересира кој ја дава услугата, туку колку лесно и брзо може да ја обезбеди, рече министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, на тркалезната маса „Дигитална трансформација на општините: предизвици и можности“, во рамки на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП.

– Дигитализацијата како глобален феномен е предизвик и за јавниот и за бизнис-секторот и за граѓаните. Како држава немаме друг избор освен да се вклопиме во глобалните текови за да можеме да бидеме конкурентни и во комуникација со технолошки развиениот свет – додаде тој.

Јавниот сектор побавно се приспособува на промените затоа што тие се условени од внатрешната подготвеност и доволност на технички и човечки ресурси, но и од подготвеноста на граѓаните да ги прифатат новите услови и да ги користат новите дигитални алатки.

– Сега сме во фаза кога ни е потребен посистемски приод и наместо општина по општина да го примениме пристапот услуга по услуга. На тој начин услугата е воедначена во сите општини, а трошоците за нејзино обезбедување можат да ги споделат сите општини преку набавка на заедничка опрема. Покрај ефикасноста, целта на дигитализацијата на услугите е да се намали просторот за корупција, а да се зголеми таранспарентноста и отчетноста – рече тој.

Според Пенов, здравствената криза низ која поминавме само ја потврди потребата од дигитализација на услугите.

– Праксата покажа дека општините кои се чекор понапред од другите, на овој начин обезбедија поголема наплата и на даноците и на сметките за комунални услуги. Во иднина овој начин на обезбедување на услугите треба да биде примарен, а шалтерот само алтернатива – истакна Пенов.

Тој нагласи дека невоедначеноста на општините, во однос на човечки, финансиски и технички ресурси, потребата од стандардизирање на обрасците и на процесите, укажува дека само преку системски приод, со координација на надлежните министерства, на Министерството за информатичко општество и администрација како надлежно, во тесна соработка со Министерството за локална самоуправа, со ЗЕЛС и со општините, може сериозно да се влезе во процес на дигитализација.

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска информираше дека Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, со која таа претседава, неодамна го донесе концептот за дигитална трансформација на општеството, кој беше усвоен од Владата и за кој во овој момент се подготвува патоказ на активности со кој се дефинирани основните принципи кои треба да ја водат дигиталната трансформација во сите области на општеството.

– Имајќи ги предвид размерите на овие промени јасно е дека процесот не може да биде во рацете на еден чинител и дека тој мора да се одвива во соработка меѓу Владата, јавните институции, приватниот и граѓанскиот сектор, како и академската заедница. И уште појасно е дека континуираните инвестиции во инфраструктурата и во стручен кадар се основниот предуслов за да може да се реализираат сите овие планови – посочи Грковска.

Во текот на изминатите неколку години, Република Македонија стави значителен акцент на дигиталната трансформација на нејзината јавна администрација, и на локално и на централно ниво. Оваа трансформација претставува исклучителна можност за подобрена транспарентност, доверба на граѓаните во институциите и подобар социо-економски развој. Сепак, и покрај силната политичка волја за дигитализација и создавањето на различни алатки за дигитални јавни услуги на централно ниво, бројот на локалните услуги е лимитиран, а многубројни се предизвиците кои ја попречуваат нивната имплементација.

Една од главните пречки за спроведување на дигиталната трансформација на локално ниво се ограничените технички и финансиски капацитети на општините да обезбедат функционални и сигурни дигитални решенија, како за внатрешните процеси така и за ангажманот на граѓаните. Дополнително, ниската дигитална свест кај некои граѓани и разликите во капацитетите на општините доведуваат до нееднаков пристап до услугите во зависност од нивното место на живеење.

Дигиталната трансформација е сложен и повеќеслоен процес кој опфаќа прашања поврзани со транспарентноста, сајбер-безбедноста, дигиталниот идентитет, ИТ- опремата и вештините. Потребен е пристап од повеќе засегнати страни со различни нивоа на интервенција, бидејќи технолошкиот развој оди рака под рака со дигиталната подготовка на граѓаните да ги прифатат овие нови алатки и потенцијали.