Филмот „М“ на Вардан Тозија, во продукција на „Фокус покус филмс“, ја продолжува низата фестивалски награди и признанија. На 12. издание на Филмскиот фестивал „Дракула“ во Брашов, Романија кој се одржа од 30 октомври до 3 ноември, „М“ ги доби главната награда или гран-прито за најдобар филм и трофејот „Дракула“.
За наградите одлучуваше жирито во состав: Пол Арион, Валентин Гројтерт и Брандо де Сика.
– Од самиот почеток, „М“ воспоставува расположение што истовремено е воодушевувачко и суптилно вознемирувачко, држејќи ја публиката да се прашува на најдобар можен начин. Креаторите на филмот демонстрираат јасна посветеност на квалитетот, доловувајќи го секој момент со прецизно внимание на деталите, што зборува за нивната вистинска љубов кон занаетот. Снимен на локација во Македонија, филмот прекрасно ги прикажува пејзажите на земјата, придонесувајќи со големи автентичност и длабочина. Накратко, „М“ се издвојува како импресивно остварување, кое не само што ги почитува жанровските конвенции туку и ги издигнува со вешти режија, пресврти и визуелни елементи. Тоа е филм што зборува и за уметноста на раскажувањето и ветува возбудлива иднина за македонската кинематографија. Секако, филм што вреди да се доживее – посочуваат членовите на жирито во образложението.
Фестивалот „Дракула“, кој се наоѓа на самиот врв од листата од 50 најважни жанровски фестивали во светот, оваа година на јавноста ѝ понуди издание богато со уникатни филмски искуства, премиери, панел-дискусии, „гејминг секција“, концерти и изложби.