– Оваа награда ја чувствувам како мост меѓу нашите земји, бидејќи уметноста може да го направи она што многу политичари не можат. Затоа му ја посветувам наградата на нашиот мост и се надевам дека тој ќе нè направи поблиски во иднина – рече грчката режисерка Ева Натена, заблагодарувајќи се за наградата на фестивалот „Киненова“
Во присуство на филмски работници, уметници, актери, режисери, претставници на политичкиот и на културниот живот на земјава и на дипломатскиот кор, вчеравечер, во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода беа доделени наградите на 9. издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“.
Гран-при доби филмот „Жена убиец“ на грчката режисерка Ева Натена, која на оригинален начин го доловува родовото прашање, адаптирајќи за големото платно ремек-дело на светската литература со одлична режија.
– Оваа награда ја чувствувам како мост меѓу нашите земји, бидејќи уметноста може да го направи она што многу политичари не можат. Затоа му ја посветувам наградата на нашиот мост и се надевам дека тој ќе нè направи поблиски во иднина – рече Натена, заблагодарувајќи се за наградата.
Наградата за најдобра режија ја доби хрватскиот режисер Андреј Коровљев за филмот „Хотел Пула“, за извонредната употреба на филмскиот јазик, за деликатниот начин на кој ги прикажува тешките настани и ликови од војната во поранешна Југославија, сугерирајќи дека љубовта може да постои дури и на места каде што никогаш не би ја очекувале.
Наградата за најдобро сценарио ја доби осудениот ирански режисер Навид Михандуст за филмот „Кафе“.
– Лесно е да се биде храбар во слободна земја. Но, што ако сте творец во земја каде што нема слобода на говор? Креаторот не само што раскажал одлична приказна туку и додека го снимал филмот, морал да донесе храбри одлуки за своите ликови, но и за самиот себе, на крајот завршувајќи во затвор – стои во одлуката на жирито.
Заблагодарувајќи се за признанието, неговата сестра Неда, која ја прими наградата, рече дека е мошне тешко да се стои на таа сцена и да се претставува братот, кој е осуден на три години затвор, и ја прочита неговата порака:
– Мојот филм е обид да се зборува за едно од основните човекови права, а тоа е слободата на изразување. За жал, ова им е забрането на голем број луѓе во мојата земја. Им благодарам на жирито и на фестивалот и оваа награда му ја посветувам на Бекташ Актим, ирански режисер и поет кој почина пред четири години, во истиот овој затвор каде што се наоѓам во моментов. Се надевам дека ќе дојде ден кога ниту еден уметник во светот нема да биде во затвор поради изразување на своите верувања.
За најдобар краток филм е награден „48 часа“ на иранската режисерка Азадех Мусави, за брилијантно режиран филм, кој на површината е политички, но длабоко во себе ги прикажува суптилностите и нијансите на семејните односи и на родителството, но и многу вешто успева да ги премине културните граници.
Одлуката на жирито ја соопшти претседателот на жирито, Јани Бојаџи, кој рече дека исклучително лесно и брзо го завршиле жирирањето поради едноставна причина – работел со две умни жени. Тој им се заблагодари на Асемина Проедру и на Дорина Оарга за одличната соработка.
Присутните ги поздрави директорот на фестивалот, Небојша Јовановиќ.
– Ова издание е, можеби, највпечатливо уште од самиот почеток, со обраќањето на нашиот лауреат Улрих Зајдл, кое го сметаме за манифест за сите филмски работници и уметници, воопшто. Сметам дека токму оваа година, како фестивал, покажавме дека заслужуваме поголема институционална поддршка и се надевам дека за следното, јубилејно десетто издание ќе ја добиеме – рече Јовановиќ.
Уметничкиот директор Гена Теодосиевска подвлече дека со ова фестивалско издание покажале дека филмската уметност има моќ да нè доближи до вистинските вредности и упорно, настојчиво да ни поставува прашања, но и да ни нуди одредени одговори.
– Изборот е наш, дали тоа огледало на стварноста ќе го превртиме, не сакајќи да се погледнеме в очи, или, пак, ќе ја надминеме моралната ерозија и ќе се осмелиме да го изговориме вистинскиот збор и да се соочиме со предизвикот на нашата реалност. Запознавме прекрасни и драги луѓе, филмаџии, кои долго ќе ги паметиме, ќе ги цитираме, ќе говориме и ќе пишуваме за нивните филмови. Тоа е непроценливо богатство – истакна Теодосиевска.
Селекторот на филмската програма, Игор Анѓелков, рече дека е среќен што жирито, а и публиката според реакциите биле задоволни од изборот на филмовите на годинашното издание на „Киненова“.
– На фестивалот секој ден се случуваа различни убави приказни поврзани со филмската уметноста. Првата работа е настапот на Неда Михандост, сестрата на иранскиот режисер Навид Михандост, која излезе на сцената со сликата од својот брат, кој во моментов е во затвор во Иран и ја прочита неговата порака, од која гледаме дека тој е вљубеник во седмата уметност и дека по малку е чудно да се случуваат вакви настани во 21 век. На овој начин „Киненова“ им се приклучи на светските фестивали како „Берлиенале“, кои им даваат поддршка на филмските автори. Вториот момент е нашиот лауреат Улрих Зајдл, на отворањето на фестивалот прочита еден манифест и навистина одамна не сум слушнал некој човек, некој уметник да има таков цврст изграден став во однос на слободата, односно неслободата и духот на времето во кое живееме. И третиот момент е премиерата на првиот македонски анимиран филм на отворањето на фестивалот, „Јон Вардар против Галаксијата“ на Гоце Цветановски, со што навистина испишавме историја. И на крајот, но не и последно по значење, „Киненова“ секогаш барала нови простори за презентација на филмската уметност. Оваа година се одлучивме за Кисела Вода, навистина докажавме дека може да функционира и ова кино во Скопје и имавме гледачи на секоја проекција, со што уште еднаш докажавме дека „Киненова“ е вистинска авангарда во однос на фестивалите кај нас – рече Анѓелков.
Фестивалот беше затворен со проекција на филмот „На сè ќе дојде крај“ на режисерот Рајко Грлиќ, а по проекцијата пред присутните се претставија продуцентката Елена Станишева и актерот Јанко Поповиќ Волариќ.