Гран-при за Ване Гавровски од Босилово

89

Гран-при, највисоката награда на литературниот конкурс на 56. Детски Рацинови средби во Велес, ја освои Ване Гавровски од ООУ „Гоце Делчев“ од струмичко Босилово, со менторката Весна Тилева. Литературниот конкурс беше на тема: „Да му го земеш јазикот на еден народ – тоа значи да му ја земеш душата“, а на него учествуваа 467 литературни творби од земјава, информираа од Организацискиот одбор на средбите.

Наградениот деветтоодделенец Ване Гавровски истакна дека е пресреќен за оваа висока книжевна награда со името на Рацин, кој му е и идол, и за кого повеќепати пишува песни.

– Јас им порачувам на сите, ако некој има желба да твори и ако тоа го исполнува и прави среќен, тогаш нека творат, нека пишуваат песни. Во однос на темата за годинашниот конкурс, сметам дека јазикот е најважен и треба да си го сакаме и да твориме на македонски јазик. И затоа јас оваа творба со целото свое срце ја напишав на мојот мајчин македонски јазик – нагласи деветтоодделенецот Ване Гавровски, кој кога ќе порасне сака да биде писател.

Тој има освоено многу високи литературни награди на повеќе литературни конкурси во земјава, а оваа му е трета највисока гран-при награда. На Детските Рацинови средби учествувал трипати, лани освоил втора награда, а во 2021 година прва награда. На „Пролетни треперења“ во Радовиш освоил прва награда.

– За мене Рацин е голем човек и поет, патоказ за сите досегашни и идни генерации Македонци – вели наградениот Гавровски.

Првото место на литературниот конкурс го поделија Бојан Љутков од ООУ„Блаже Конески“ од Велес, ментор: Иванка Славковска и Лука Трајковски од ООУ „Кочо Рацин“ од Куманово, ментор Елена Арсовска. Кај средношколците прво место освои Давид Цветковски СУГС „Панче Арсовски“- Скопје, ментор Даниела Јовчевска-Михајловска.

На литературно-ликовна групна работа за одделенска настава на тема „Да му го земеш јазикот на еден народ-тоа значи да му ја земеш душата“, прво место освои второ одделение и наставниците Невенка Ѓошева и Снежана Арсова од ООУ „Блаже Конески“ од Велес, второ место за петто б одделение и наставничката Сузана Павловска од велешкото ООУ „Св. Кирил и Методиј“, прво место за прво одделение и наставниците Емилија Несторова и Лилјана Темелкова од ООУ „Васил Главинов“ од Велес, трето место за второ в одделение и наставник Биљана Настовски од ООУ „Панко Брашнаров“ од Велес, трето место за четврто одделение и наставник Елена Симоновска ООУ „Св. Климент Охридски“ од Скопје

По ликовниот конкурс на истата тема прво место освои – Стефани Настова трета година во ОСУ „Гимназија „Кочо Рацин“ од Велес, ментор Јулијана Стумбова Пандов

Беше изработен и мултимедијален проект на истата тема, а првото место му припадна на Рамазан Раманоски од ОУ „Ј.Б. Тито“ од село Жировница.

Воедно, се одржа и натпревар за рецитатори и оратори. Кај ораторите првото место на истата тема „Да му го земеш јазикот на еден народ – тоа значи да му ја земеш душата“, го освои средношколката Сара Агуш од СУГС „Шаиб Јусуф“ од Скопје. Таа со својот ораторски говор  и со со своите силни пораки за тоа дека треба да го зачуваме мајчиниот македонски јазик и младите да творат и зборуваат на македонски јазик ја плени публиката.

Детските Рацинови средби беа во рамките на програмата на Денот на ослободување на Велес – 9 ноември, а ги организира Општина Велес и МДПС „Премиера“.