Град Скопје троши за јавни набавки колку 46 други општини заедно

154

Град Скопје со 14 милиони евра што е вкупна вредност на склучените договори за јавни набавки, е на врвот на листата на Базата на податоци за општинските тендери што ја објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Вредноста на јавните набавки што властите на Град Скопје ги склучиле со фирмите во текот на 2018 година е повисока за 4,2 милиони евра, што е пораст за 42 проценти во однос на претходната година.  

– Град Скопје, како најголема единица на локалната самоуправа за јавни набавки троши колку 46 други општини заедно, а 11-те единици на локална самоуправа со најголема вредност на набавките заедно трошат половина од парите, односно колку преостанатите 70 општини – се наведува во извештајот на ЦГК.

Вредноста на јавните набавки на општините во минатата година изнесува 97 милиони евра, што е за 17 милиони евра, односно за 21 процент повеќе од 2017 година. Базата содржи податоци за сите 3.898 договори за јавни набавки што локалните власти ги склучиле со 1.331 фирма.

Куманово со 4,9 милиони евра скокна од ланското трето на второто место, додека Аеродром ја загуби позицијата во првата тројка и на негово место годинава се искачи Струмица со набавки во вредност од 4,1 милион евра.

Фабриката „Карпош“ му го презеде приматот на „Пуцко Петрол“, според вредноста на добиените тендери од општините во 2018 година. Во топ-трите фирми влезе и „Пелагонија“ од Гостивар, а „Бауер БГ“ го зачува местото во врвот кое го има со години наназад. И во 2018 година има висока концентрација на мал број фирми во набавките на општините.

Така, првите 10 фирми со најголема вредност на договорите за јавни набавки имаат учество од 22 процента во вкупната вредност на тендерите на општините, додека првите 20 фирми, држат дури една третина од вредноста на набавките.