– Инспекторатот за животна средина на град Скопје во текот на вчерашниот ден изрече казна за исфрлање на опасен отпад и загрозување на животната средина, а поднесе и соодветна пријава за кривична одговорност против сторителот кој е затекнат како исфрла азбестни плочи и друг градежен отпад.
– Не сакаме да веруваме дека се работи за политички инструирана операција за нагрдување на градот и доведување во опасност на животот и здравјето на скопјани, во која вчеравечер во општина Бутел беа затекнати лица како истураат неколку тони отпад меѓу кои и опасен канцероген отпад во зелен појас, велат од Град Скопје.
Од локалната самоуправа потенцираат дека на територијата на Скопје има вкупно 14 институции коишто во вакви ситуации имаат надлежност и обврска да постапуваат.
Но, како што велат, досега единствено градот Скопје реагира, додека останатите не постапуваат на никаков начин.
Од викендот до денес, комуналните инспектори и инспекторите за животна средина на градот Скопје имаат изречено над 30 казни.
– Апелираме до Владата на овој проблем да му пристапат сериозно, и да реагираат на пријавите на градот Скопје за поажурно контролирање на нелегалното исфрлање на отпад кое е казниво и според кривичниот законик на Р. Македонија, апелираат од Град Скопје.