Градоначалничката Данела Арсовска ќе побара од скопските советници да ѝ одобрат Град Скопје да се задолжи со кредит за купување автобуси. Барањето за добивање зелено светло од советниците ќе биде разгледувано на следната седница на Советот, закажана за 26 јануари. Како што стои во образложението, задолжувањето е во висина од 10 милиони евра и кредитот, ако биде изгласана одлуката, ќе биде од домашна банка за купување на 50 еколошки автобуси.
– Со цел дополнително да се поттикне визијата за модерно Скопје, овозможувајќи лесно достапен и современ јавен превоз, притоа водејќи грижа за квалитетот на живеењето и животната средина, наша обврска и приоритет во работењето е да инвестираме во екоавтобуси со цел поефикасно извршување на јавниот превоз. Со донесување на оваа одлука, ќе се овозможи Град Скопје, преку домашно долгорочно задолжување, да изврши набавка на екоавтобуси – се наведува во барањето до советниците.
Подетално се образложува дека новите автобуси би се набавиле за година и пол, бидејќи толку траат процедурата и постапката. Прво треба да се распише тендер, кој со повикот, изборот и периодот на жалба трае неколку месеци, а потоа фирмата што ќе биде избрана ќе треба да ги произведе автобусите.
Во времето на поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов беа набавени 33 автобуси, кои работат на еколошко гориво, за што ЈСП „Скопје“ отплаќа кредит од 10 милиони евра. Државата има земено кредит од 70 милиони евра за проектот „Бас рапид транзит“ (БРТ) или автобуско метро, кој Арсовска не го прави, затоа годишно се плаќаат 350.000 евра пенали.
На почетокот од мандатот како прв човек на Градот, најави купување нови 250 екоавтобуси наместо системот „Бас рапид транзит“ (БРТ). Проектот за екоавтобуси, според неа, ќе реши многу проблеми, а во исто време ќе направи и ред на возење со тоа што ќе се скрати интервалот на доаѓање на автобусите на станиците и транспортот ќе биде побрз и почест.
– Тоа е најбрзото и најсигурно решение за јавниот превоз во Скопје за разлика од БРТ- проектот, кој значи дополнителни инфраструктурни проекти, и со тоа реализацијата ќе трае со години. Не ни треба решение за само дел од Скопје, бидејќи решенијата мора да се однесуваат на сите делови на Скопје. Тоа ќе значи помал метеж во автобусите. Во исто време, ќе се воведат и почести ноќни линии за викендите. За овие решенија не требаат месеци, а да не зборуваме години, како што е менување на возниот ред, ама кај нас и за едноставните нешта се чека со години – изјави тогаш Арсовска.
На почетокот од 2022 година, таа рече дека „годинава нема да почне набавката на 250 автобуси за кои се потребни 75 милиони евра, бидејќи не се предвидени пари за тоа од буџетот“. Тогаш и самата Арсовска кажа дека Градот не може да земе кредит бидејќи веќе е задолжен, туку само потенцира дека пари ќе се бараат од донатори.
(С.Бл.)