Огромното светлечко лого X е симнато од покривот на облакодерот во Сан Франциско што го означуваше седиштето на компанијата X на американскиот милијардер Илон Маск, порано позната како Твитер, откако соседите се пожалија дека премногу свети.
Градското Одделение за градежништво доби 24 поплаки во текот на викендот, откако во петокот на покривот на седиштето на компанијата во центарот на Сан Франциско беше поставено џиновско лого X, а соседите се пожалија на силната светлина.
Во понеделникот поради тие поплаки почна симнувањето на логото. Одделот соопшти дека Маск ќе плати казна за нелегалната инсталација на „светлосната структура“.
Компанијата Х соопшти дека отстранувањето било доброволно, објави Ројтерс.
Маск го купи Twitter минатиот октомври за 44 милијарди долари, а минатата недела го смени името на платформата во X.