Градинката „Пепелашка“ сама ќе произведува струја

71

Градинката „Пепелашка“, зад зградата на Црвен крст на Македонија, во иднина самата ќе произведува електрична енергија, благодарение на фотоволтаичната централа поставена на покривот на објектот, која е донација од компанијата ОКТА.

– Придобивките од оваа донација се многубројни, бидејќи ќе овозможи градинката да се снабдува со чиста и обновлива енергија, со што ќе придонесе значително да се намали потрошувачката на електрична енергија, а истовремено ќе обезбеди и намалување на нејзиното влијание врз животната средина. На овој начин, ОКТА ќе ја поддржи заедницата, во напорите за изградба на одржлива иднина за идните генерации – изјави Ристо Јаневски, директор за енергетско планирање и развој.

Тој додаде дека оваа година во фокус ќе биде поддршката на три образовни институции преку донација на соларни централи, со цел да им  се помогне во надминување на предизвиците кои се резултат на енергетската криза.

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, очекува дека со новата фотоволтаична централа значително ќе се намалат вкупните трошоци за електрична енергија на градинката.

– Тоа ќе ни овозможи повеќе средства да вложиме во  одржување на високиот квалитет на услугите за згрижување и едукација на децата – истакна Герасимовски, повикувајќи и останатите компании да го следат нивниот пример и да помогнат во реализација на плановите за постигнување поголема енергетска ефикасност на сите јавни објекти на територијата на нашата општина.

Општина Центар токму за поставување на фотоволтаични централи неодамна го основа и ТД „Енергија Центар“ за производство и продажба на електрична енергија. Во текот на оваа јубилејна година за ОКТА, компанијата ќе донира уште две фотоволтаични централи на образовни установи во земјава, како и еден соларен полнач и паркинг за велосипеди. До крајот на годинава, ОКТА има намера да започне и со реализација на инвестицијата за изградба на нова фотоволтаична централа со моќност од 12 MW, која ќе биде инсталирана во кругот на компанијата.

(А.П.)