Стартуваше новата сезона во НБА-лигата, а, традиционално, прв на терен истрча шампионот. Кошаркарите на Денвер, кои минатата сезона се закитија со титулата, пред почетокот на мечот против Лос Анџелес лејкерс, ги добија своите шампионски прстени.
Станува збор за прстени кои им се доделуваат на кошаркарите на почетокот од новата сезона и кои блескаа со 16-каратни дијаманти, рубин и сафир, како симбол на 16. победи на Денвер во плејофот.
In all its glory 💍 pic.twitter.com/mMTMuXEpIt
— Denver Nuggets (@nuggets) October 24, 2023
Прстенот е со 89 црвени рубини, кои го означуваат бројот на поени со кои Денвер го доби последниот меч во финалната серија. Тука се и 24 топчиња жолти дијаманти со кои е напишан натписот „Нагетс“ и претставуваат 24 години од постоењето на нивната „Бол арена“. Уникатните прстени се во вредност од 100 до 150 илјади долари.
Што се однесува до натпреварот, Денвер славеше против Лејкерс со 119:107 во преполната „Бол арена“, а во репризата од финалето на Западот од минатата сезона, најмногу се истакна првата ѕвезда на тимот, Србинот Никола Јокиќ. Тој продолжи онаму каде што застана минатата сезона, запишувајќи трипл-дабл од 29 поени, 13 скока и 11 асистенции.
На оваа партија на Јокиќ при отворањето на новата сезона, не остана рамнодушен ни легендарниот кошаркар Кевин Гарнет, кој воедно е член на „Куќата на славните.
- Како може да не ја пипнеш топката цело лето, а потоа толку лесно да запишеш трипл-дабл – се праша Гарнет на социјалната мрежа „Х“.
How you don’t touch a ball all summer and get a calm triple double and a dub like that! Wtf #Joker #NBATipOff2024
— Kevin Garnett (@KevinGarnett5KG) October 25, 2023
Како што е познато, Јокиќ го помина цело лето со своите коњи, бидејќи во Сомбор има свој ранч на кој му посветува големо внимание. Тој летово ја одби Србија за настап на Светското првенство, каде што неговите сонародници го освоија сребрениот медал.