Британската тенисерка Ема Радукану (21) го освои САД опен во 2020 година, а потоа стана нова ѕвезда на светскиот тенис. Британката тогаш стана вистински хит, спонзорите се редеа како на подвижна лента и еден од нив беше „Порше“. Оттогаш поминаа три години, моментално е во пад, сега е 54. на ВТА- листата, како поради повредите така и поради одлуките.
Ситуацијата дополнително се влошува откако британските медиуми објавија дека „Порше“ решил да ја прекине соработката со неа и дека прв чекор кон тоа е да ѝ го одземе автомобилот што ѝ го подари кога стана шампионка во Њујорк. Се работи за моделот „911 Carrera GTS Cabriolet“, кој вреди околу 125.000 фунти.
– Ема веќе го нема тоа „порше“, ѝ беше одземено. Се гордееше со тој автомобил – изјавил неименуван извор за локалните медиуми.
Со оглед на тоа што е во пад со формата и дека има сè почести проблеми со повредите, иако наполни 22 години во ноември, се чини дека ќе мора што поскоро да се врати на победничките патеки, во спротивно ќе почне да губи и други спонзори.
Германската компанија се огласи и се обиде да ја ублажи ситуацијата.
– Тој автомобил не ѝ го подаривме, туку само одвреме-навреме ѝ позајмуваме некои автомобили – велат од „Порше“, иако малкумина веруваа дека е вистина тоа.
Кога станува збор за оваа сезона, Ема беше елиминирана во второто коло на Австралија опен, не учествуваше на Ролан Гарос, додека најголем успех имаше на Вимблдон, каде што стигна до четвртото коло. Таа беше дел од скандалот на лондонската трева, бидејќи се повлече од мешани двојки и не играше со Енди Мареј. На САД опен, таа загуби во првото коло.