Гоце Пејковски ќе слави на „Боемска“ со сите свои мераци – Голем солистички концерт за 25 години кариера

1566

Ќе биде тоа уште една незаборавна дружба со хитовите: „Кажи ми чија си ти“, „Принцезо моја“, „Баксузи“, „Таткова“, „Сите мои мераци“… а, тоа ќе бидат вистински музички мераци точно на 12 јуни во вечерните часови да се ужива во целовечерниот настап на Пејковски. Неговите гости се и неговите добри колеги Наум Петрески и Баже Грујовски

Гоце Пејковски, кој многумина го сметаат за кралот на кафеаните, популарниот македонски фолк-пејач, на почетокот на летото со голем солистички концерт ќе ја одбележи 25-годишнината од својата успешна музичка кариера која се препознава со многу хитови: „Кажи ми чија си ти“, „Принцезо моја“, „Баксузи“, „Таткова“, „Сите мои мераци“…. и навистина тоа ќе бидат вистински музички мераци точно на 12 јуни во вечерните часови да се ужива во целовечерниот настап на Пејковски. Музичката средба ќе се случи во скопското Дебар Маало на „Боемска“  пред познатата кафеана „Чардак“. На отворено и во присуство да неговите фанови, ќе се пее и ќе се слави. И ако треба и оро ќе се заигра. Сè е во интерес на прославата на Гоце за која во јавноста владее голем интерес. Влезот е 1.000 денари со конзумација и во организација на „Прагма-продукција“.

Гоце пред да стане тоа што е денес, едно време живееше во Австралија. Но од таму се врати и целосно блесна на македонската фолк-сцена, со целосна промена на својот имиџ, кој сега повеќе му наликува на некој си рокер, отколку на народњак.

Покрај тоа што тој самиот ќе ги забавува присутните, за добриот фолк-штимунг ќе бидат задолжени и неговите специјални гости, фолк-ѕвездите: Наум Петрески и Баже Грујовски. Гаранција плус дека одличниот провод нема да изостане.                          Инаку, Гоце е еден од многу ретките македонски пејачи кој кариеарата ја направил без некое учество на фестивали. Тие манифестации за него никогаш не биле предизвик, а хитовските песни и онака успевале да допрат до срцата на слушателите.  Без разлика на тоа што тие песни воопшто немаат ни трошка допир со актуелниот турбо-фолк.

Гоце ја негува само традиционалната македонска песна на која и е за овие 25 години максимално посветен. А, како тоа го прави со кои рефрени, останува да се стрпиме до 12 јуни и да си дојдеме на „Боемска“, бидејќи нема да се разочараме.                          Песната со Гоце Пејковски е да се пее, да се ужива!    Д.М.