Готово е! Халанд потпишува за Сити

87

Ерлинг Халанд, или поточно неговиот агент, Мино Раиола, односно неговиот татко Алф Инге, ги договорија и последните детали од трансферот на феноменалниот напаѓач кој на крајот од актуелната сезона ќе ги напушти редовите на германскиот бундеслигаш Борусија од Дортмунд и ќе потпише за актуелниот шампион на Англија, тимот на Манчестер Сити.

Трансфер бомбата екскулузивно беше објавена од уредниот на британскиот портал „Дејли Мејл“, Мајк Киган.

Пред една недела, новинарот на „Скај Спорт“, Џанлука Ди Марцио, објави дека Халанд ја одбил понудата на шпанскиот гигант Реал (М) кој сакаше да го ангажира следното лето и дека ја прифатил понудата на Манчестер Сити затоа што трансферот ќе биде реализиран за максимум два месеца.

Сосема очекувано, раководните лица на Борусија Д. навиваа за понудата на Реал (М) затоа што на крајот од актуелната сезона ослободителната клаузула во договорот на Халанд ќе изнесува 75 мил. евра, а следното лето ќе изнесува 120 мил. евра. Сепак, брзоногиот напаѓач ја прифати понудата на „граѓаните“, а вистинско парично богатсво ќе добие неговиот татко, како и контроверзниот менаџер.

Норвешкиот интернационалец ќе потпише 5-годишен договор кој му гарантира неделна плата од 500.000 фунти, односно 31 мил. евра годишно без бонуси. Провизијата за Мино Раиола ќе биде околу 70 мил. евра, а дел од таа парична сума ќе добие и таткото на Халанд. Алф Инге кој три години има играно за Манчестер Сити и кој го има убедено својот син да ги одбие понудите на Реал (М), Барселона и ПСЖ.

Халанд ќе биде најскапо платен фудбалер во историјата на англиската Премиер лига, а за споредба, Кевин де Бруин и Кристијано Роналдо моментално имаат неделна плата од околу 385.000 фунти.

Борусија од Дортмунд го купи Норвежанецот во 2020 година од австриски РБ Салцбург за 20 мил. евра. На одиграните 85 натпревари во „црно-жолтиот“ дрес има постигнато 82 погодоци и запишано 23 асистенции.