Шпанскиот весник „Марка“ го привлече вниманието на фудбалската јавност и тоа со информацијата дека Кристијано Роналдо е многу блиску до постигнување на договор со најпознатиот клуб од Саудиска Арабија, Ал-Насср. Португалецот, кој после низата скандали беше избркан од редовите на англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед, и тоа сред сезона, во Саудиска Арабија ќе има годишна плата од 200 мил. евра. Челнците на Ал-Насср се подготвени да му понудат две и пол годишен договор.
- Роналдо нема избор. Ниту еден европски клуб финансиски не може да се доближи до понудата на Ал-Насср, а тоа е невозможно и за клубовите од американската МЛС лига, пишува „Марка“, која важи за весник близок до агентот на португалскиот интернационалец Жорге Мендеш.
Истиот медиум пишува дека Роналдо и Мендеш веќе ја прифатиле понудата на најбогатиот клуб од Саудиска Арабија.
Ал-Насср, клубот од Ријад, моментално е трениран од поранешниот предводник на Рома и Олимпик од Лион, Руди Гарсија, а најголеми ѕвезди во тимот се голманот Оспина и поранешниот фудбалер на Вилјареал, Алваро Гонзалес. Ал-Насср заедно со лутиот градски ривал Ал-Хилал се двата најтрофејни клубови од Саудиска Арабија.
Роналдо, пет пати ја освојуваше „Златната топка“ на Франс Фудбал, а изминатата сезона се врати во редовиет на Манчестер Јунајтед. За време на летниот преоден рок сакаше да си замине од „Олд Трафорд“, а потоа започна вербална војна со актуелниот менаџер на „црвените ѓаволи“, Ерик тен Хаг.