Меѓуградскиот автобуски превоз останува многу скап и нема најави од превозниците дека ќе ги намалат билетите, иако цените на нафтените деривати на бензинските станици се стабилизираат. Тоа, од превозните здруженија го правдаат дека и натаму се високи другите трошоци кои ја креираат цената на билетите, како што се гуми, моторно масло, регистрација, новите патарини што се воведоа во источниот дел од земјата. Затоа бараат субвенции од Владата, а оттаму пак, нема најави дека имаат во план да ја ограничат цената на билетите, бидејќи станувало збор за цени што ги утврдуваат самите превозници.
Инаку, билетите поскапеа лани кога во јуни цените на горивата достигнаа рекордно високо ниво и на пример еуродизелот тогаш чинеше 110 денари, еуросупер БС-95 достигна рекордни 111,5 денари, а пак еуросупер 98 чини 113,5 денари за литар. Но, во моментов цените на горивата се на ниво – дизелот е 69 денари за литар и е поевтин за 41 денар, еуросупер БС-95 сега е 80 денари и е поевтин за 31,5 денари од јуни 2022 година, а пак Еуросупер-98 сега чини 82 денари за литар и е поевтин исто така за 31,5 денари.
Но, и покрај поевтиното гориво, цените на билетите стојат на ланските покачени цени. Најпогодени од скапите билети се студентите од внатрешноста кои најмногу ги користат услугите на автобуските превозници. На пример, студент кој патува од Куманово до Скопје до ланското поскапување плаќал 100, а потоа и 150 денари во еден правен, сега билетот му чини 170 денари. Студент пак, од Тетово сега плаќа 200 денари за да дојде на часови во Скопје, а претходно плаќал 100, односно 120 денари. Од Гостивар билет во еден правец чини 350 денари, а претходно беше поевтин за 100 денари (250 денари). Повратниот билет, пак, што чинел 400 денари, сега чини 550 денари.
Од почетокот на ковид-пандемијата многу превозници ги укина повратните билети на повеќето релации на кои оперираат и сè уште не ги враќаат, па патниците кои доаѓаат во Скопје на еден ден поради завршување на некоја административна работа или лекарски преглед немаат избор и повеќе не можат да ја користат придобивката од поевтин повратен билет, туку се присилени да плаќаат две суми за билети во еден правец.
Многумина се одлучуваат поевтино да се возат со диви таксисти. Токму на оваа појава реагираат автобусчиите коментирајќи дека не можат да ги намалат цените затоа што и така линиите им се нерентабилни. Велат дека дивите превозници им ги земаат патниците и приходот, а не плаќаат даноци. Сметаат дека Владата треба да им помогне.
Истото се случува и во камионскиот превоз на стоки. Велат дека имаат и други трошоци кои ќе ја одржат висока крајната цена. Од Здружението „Макам-Транс“ велат дека цената на транспортот на стоки надвор од државата го диктираат меѓународните цени на дериватите, а за транспортот во земјава наоѓаат други причини. Од здружението на камионџии велат дека платите се зголемени, а државата одбива да врати дел од акцизата.
(С.Бл.)