На повикот „СтартАПувај“ аплицирале 186 компании

135

Вкупно 186 компании аплицираа на повикот „СтартАПувај“ што Фондот за иновации и технолошки развој го реализира во соработка со Светска банка, во кој целна група беше младата популација во земјава, а главна цел да се поттикнат младите луѓе да формираат свој бизнис.

Ова денеска на прес-конференција го изјави директорот на ФИТР Јован Деспотовски, презентирајќи ги првичните резултати по завршената административна проверка на пристигнати апликации на јавниот повик за инструментот Ко-финансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ – СтартАПувај, финансиран од ФИТР и Светска Банка. Повикот беше отворен од 22 октомври до 11 декември 2018 година.

– Според првичните информации од пристигнатите апликации, резултатите се повеќе од охрабрувачки. Имаме петпати поголема побарувачка на средства од фирмите, отколку што Фондот ги има за доделување. Иницијално предвидовме еден милион евра, што би се доделиле на главниот повик, а компаниите аплицирале за финансиски средства над пет милиони евра – рече Деспотовски.

Тој додаде дека од 186 компании, 91 отсто се компании што првпат аплицираат за средства во Фондот, само девет проценти се компании што веќе аплицирале, а само четири од овие 186 се компании што веќе користат средства од Фондот. Седумдесет и шест компании не се постари од една година, а останатите 108 компании постојат од една до шест години, додека 84 отсто од компаниите се микро, а 16 проценти се мали.

– Две третини од овие 186 компании не се постари од една година, а над 50 отсто од нив се основани по објавата на јавниот повик. Тоа значи сме успеале во намерата преку инфо сесиите што ги одржавме што беа наменети за целните групи, а тоа се младите луѓе, во намерата да ги поттикнеме да размислуваат покрај опциите вработување во јавен сектор и заминување од државата, да размислуваат да формираат свој бизнис и да останат тука – додаде Деспотовски.

Посочи дека во сите овие проекти што се аплицирани, предвидени се нови вработувања, над 400 лица, со просечна плата повисока од 30.000 денари.

Рече дека како статистички податок што го воведуваат за првпат е дека 35 проценти од апликантите се компании што се во сопственост на жени, што е во насока на поттикнување на женското претприемништво.

Според седиштето на компаниите, додаде тој, повторно доминантно е присуство на компании во Скопје, меѓутоа има и 20 други општини од каде што голем број млади луѓе формирале своја компанија и аплицирале за средства во Фондот.

– Вкупниот број инвестиции со овој јавен повик, односно со апликациите што се пристигнати е околу седум милиони евра, од кои 5,3 милиони евра се средства кои компаниите ги аплицираат кај Фондот, а 1,6 милиони евра се средства што компаниите според условите предвидуваат да ги вложат самостојно. По дејност, повеќето меѓу 50-60 отсто од апликациите се поврзани со ИТ индустријата, но она што охрабрува е тоа што имаме и 20 други сектори како земјоделие, автомобилската индустрија, транспорт, економија, маркетинг и медицина – додаде Деспотовски.

Појасни дека во тек е процесот на предселекција од страна на надворешни експерти, по кој ќе следи финалната селекција која ја спроведува Комитетот за одобрување инвестиции на ФИТР, независно тело составено од странски експерти именувани од Владата и оти се очекува целиот процес за биде заокружен за еден месец.

Деспотовски повтори дека од минатата година изјавата за сопственичката структура е составен дел на апликацијата и оти сите оние компании што декларирале ја поминуваат процедурата што е предвидена со Протоколот за проценка на ризик.