Голем број македонски работнички сè уште не си ги знаат своите права на работното место. Но, истражувањата на Здружението на бизнис-жени покажува дека и дел од оние кои си ги знаат, доколку им се прекрши работничкото право одлучуваат да премолчат, поради страв да не ја изгубат работата. Елена Блажевска, проект-координатор вели дека изминатиот период имале серија работилници во градовите низ земјава, меѓу кои и во градот на текстилот Штип.
-Според студијата работничките права најмногу се кршат во приватниот сектор. Сè уште имаме ранливи области, какошто се текстилната индустрија и слично, каде што во последните години гледаме дека ситуацијата малку се подобрила, но сепак постојат кршења на основни човекови права, вели Блажевска од Здружение на бизнис-жени.
Анализата на ова Здружение покажува дека најчесто се прекршуваат работничките права во делот на неискористување на годишниот одмор, како и во делот на договорите. Наместо минимум дваесет дена, голем дел од работниците во приватниот сектор користат само две недели, вклучувајќи ги овде саботите, но и празниците. Прашана што треба да се направи за да се подобри ситуацијата во приватниот сектор, Блажевска вели дека жените мора да се информираат.
-Прво треба да се зголеми информираноста кај жените работнички, бидејќи стварно имаме жени кои не ги знаат своите права. Овде се работи за права и обврски на работникот и работодавачот. Често се среќаваме со почитување само на правата на работодавачот, но не и на правата на работникот, рече Блажевска.
Според анализите на здружението, постои голема нерамнотежа на пазарот на трудот на релација маж – жена. Половина од работоспособните жени не одат на работа, а како единствена причина за тоа ја навеле грижата за семејството