Во Битола, од денеска до 3 февруари ќе се спроведе голема акција на заловување бездомни кучиња. Акцијата ќе ја спроведува економскиот оператор „Проветалек“, со кој Општина Битола склучи договор за заловување и стручен третман на кучињата скитници и на нерегистрираните кучиња.
Од Општината информираат дека податоците за секое заловено куче се внесуваат во ветеринарно-информативниот систем и се однесуваат на: локацијата на заловување (геокоординати), извршениот тест за социјализација, аплицираната ушна маркичка со број и ознака БТ, бар-кодот од микрочипот, извршениот тест за детекција на антитела на лајшманија, хируршкиот зафат – кастрација или стерилизација, вакцинацијата против беснило со дехелментизација и податоците за враќање во реонот на заловувањето или вдомувањето.
– На овој начин, се врши соодветен хуман третман на кучињата, но и заштита на населението како од каснувања така и од можност за создавање средина што е потенцијален извор за пренесување на одредени зоонози и паразитарни заболувања – потенцираат од Општина Битола.
За време на акцијата, сопствениците на кучиња не смеат да ги напуштаат домашните миленици, кои задолжително треба да се движат во придружба на сопственикот со поводник – движење без поводник во придружба на сопственик е дозволено само во градскиот парк, на местото означено како парк за миленици.
– Сопствениците на кучиња, согласно со закон, се должни да ги пријават своите кучиња еднаш годишно во ветеринарните амбуланти, клиники и болници кои се овластени за спроведување на ветеринарно- здравствена заштита од јавен интерес во нивното место на постојан престој, со цел да ги регистрираат и идентификуваат, како и да ги исполнат одредбите во однос на здравствената заштита, согласно со прописите од областа на ветеринарното здравство. Трошоците за овие постапки се на товар на сопствениците на кучињата. Секое непочитување на Законот за заштита и благосостојба на животните да се пријави во Агенцијата за храна и ветеринарство – потенцираат од Општина Битола.
До Општината се доставени две пријави, од кои едната за несоодветно постапување од сопственик кон агресивно куче и лоциран граѓанин кој испушта кучиња во пакет, во близина на Заводот и музеј. Пријавите се евидентирани и се постапува по нив од надлежните служби.
На територијата на Град Битола има континуиран прилив на кучиња од блиските приградски и селски региони, и тоа: Горно и Долно Оризари, селото Поешево, Индустриски пат, селата Кравари и Буково, пределот над касарната со селото Лавци, Брусничка Населба со селото Брусник, Довлеџик, месноста над Црн мост, Баир, Ушици и регионот над тунелот до селата Раштани и Крклино.