Граѓаните чекаат – резултати, им порача претседателот на државата Стево Пендаровски на пратениците во своето годишно обраќање во Собранието каде зборуваше за уставните измени кои претстојат. Шефот на државата рече дека не постои начин од Македонец да направиш Бугарин, но и дека никој не може да даде гаранции дека Бугарија нема да има нови барања по уставните измени. Тој заклучи и дека со Преспанскиот договор навреме се ситуиравме под колективниот штит на НАТО, без национално да се обезличиме. Пендаровски се осврна и на недовербата на граѓаните во правосудниот систем и испрати порака дека или државата ќе ги стави криминалците зад решетки во затвори од затворен тип или тие со украдените пари ќе градат имиџ на чесни граѓани. Македонскиот претседател упати апел и до Европската унија фокусот кон регионот на Западен Балкан да не биде само епизода, предизвикана од војната во Украина, зашто поддршката за Унијата меѓу граѓаните драматично опаѓа. За одржување на кредибилитетот на интегративниот процес Европа не смее да дозволи Западниот Балкан да го држи во фокусот само кога има војни или мигрантски кризи.
Промена на Уставот
Пендаровски рече дека е потребна кристално јасна и чиста правна и политичка процедура за промена на Уставот, каква што ѝ доликува на една европска демократија и дека никој никого не треба да притиска, ниту да условува за да гласа спротивно на својата волја. Пендаровски порача дека пратениците треба да имаат пред очи две работи во однос на прашањето за промена на Уставот.
– Прво, дека самата содржина на конкретниот предлог, впишувањето на Бугарите и делови од други народи во Уставот, на ниту еден начин не го руши македонскиот идентитет, и второ, тие што се денес против, ако навистина веруваат дека ЕУ е нашата стратешка цел, нашата стратешка константа од 1991-та до денес и ако се денес против, како ќе гласаат за оваа уставна промена кога ќе бидат на власт, изјави Пендаровски.
Шефот на државата потсети дека клучни одлуки во Македонија се носеле заеднички, независно од тоа кој бил на власт.
– Инаку, за помладите кои не ги паметат 1990-тите, наспроти општата перцепција, Македонците и македонските граѓани знаеле да се обединат и заеднички да работат во интерес на државата, независно кој бил на власт: за референдумот за независност во 1991-та бил формиран и функционирал заеднички штаб на власта и опозицијата, одлуката за аплицирање за членство во НАТО од декември 1993 е донесена со поддршка на власта и опозицијата, амандманите кои произлегоа од Рамковниот договор се усвоени со двотретинско мнозинство, а Резолуцијата за државните позиции во однос на Бугарија минатата година беше поддржана од 95 пратеници, потсети Пендаровски.
Тој истакна дека отварањето на бугарските клубови не придонесуваат за градење на доверба помеѓу граѓаните. Нашата обврска за промена на Уставот, рече тој, не е поврзана со отворањето на клубовите на Бугарите во земјава, меѓутоа, останува впечатокот дека „станува збор за временски темпирана и организирана активност“ која не придонесува за градењето доверба меѓу Скопје и Софија.
– Со тензиите кои ги крена отворањето на овие клубови, за жал, другата страна одбра конфронтациски наместо, кооперативен пристап кој е целосно на линија со јавната реторика на бугарските историчари во заедничката комисија кои инсистираат историјата да ја доминира целокупната билатерална агенда, наместо да биде само еден нејзин сегмент, порача Пендаровски и додаде дека е факт дека не постои никакво системско нарушување на правата на бугарското малцинство, но тоа не треба да ја лимитира нивната можност да отвораат клубови каде сакаат и колку сакаат, но, како што нагласи, со стриктно почитување на македонските закони кои се компатибилни со европските.
Нема гаранции за задоволување на апетитите на Бугарија
Претседателот истакна дека не може да има гаранции дека вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав ќе биде последно барање од соседната држава, во процесот на преговори со ЕУ.
-Следно прашање и дилема во јавноста е дали може да има гаранции дека тоа ќе биде последното барање кон нас во процесот на преговори? Еве го последниот пример: Бугарија и Романија се членки на Унијата петнаесет години, а неодамна беа блокирани за влез во Шенген зоната. Ако две членки на Унијата беа блокирани за влез во еден од најважните проекти на единствениот европски простор, се разбира дека никој не може да ѝ даде гаранции на земја- кандидат која тукушто ги почна преговорите кои не се праволиниски. Затоа, ние, во процесот треба да влеземе со самодоверба и да се фокусираме на исполнување на критериумите кои ќе обезбедат подобар живот на нашите граѓани. Одамна помина времето кога го меревме успехот во интеграциите според бројот на усвоените закони, рече претседателот Пендаровски и апелираше до власта дека во целиот тек на преговорите во тимовите треба да вклучи и експерти предложени од граѓанските организации, но, и од опозицијата, затоа што преговорите сигурно го надминуваат мандатот на една влада, и ако не се собере сиот креативен и експертски потенцијал на едно место, преговорите ќе траат подолго.
Пендаровски рече дека модифицираниот француски предлог, кој денес е европска преговарачка рамка, поради кој се поделивме до невидени граници, предизвика бројни контроверзии, но, сите беа директно или индиректно поврзани со стравот од идентитетска закана, за Македонците и македонскиот јазик, но истакна, станува збор за два различни идентитетски кодови, два различни народа со своја специфична етногенеза.
-Реферирајќи на тезата дека само како Бугари можеме да влеземе во Европската Унија, сакам да потенцирам дека апсолутно не постои начин од Македонец да направиш Бугарин. Во историјата нема таков пример, со договор да му биде сменето националното чувство на цел еден народ. И по пет месеци, длабоко сум убеден дека ставот кој го изнесов на 3 јули оваа година дека одлуката да го прифатиме модификуваниот француски предлог не е ниту историски триумф, ниту историски дебакл и денес може да издржи аргументирана критика. При тоа, одбивам да поверувам дека политичка цел или приоритет на претседателот на Франција или на пример, на германскиот канцелар им е да го обезличат македонскиот народ за како Бугари да не внесат во Европа, нагласи претседателот Стево Пендаровски при годишното обраќање во Собранието.
Криминалците зад решетки
Шефот на државата рече дека неверојатниот медиумски интерес со кој беше проследена посетата на таканаречениот „тим за санкции” од САД, е најдобрата потврда за недовербата која нашите граѓани ја имаат во домашните органи штом единствената надеж за правда ја гледаат во странските и меѓународни институции.
– Меѓутоа, реалноста е дека никој однадвор нема да ја искорени корупцијата во Република Северна Македонија, ако тоа не го направат нашите институции и избраните политички претставници на граѓаните. Во оваа борба, влогот е огромен и државата или ќе ги стави криминалците зад решетки во затвори од затворен тип, или некои од нив и понатаму, со парите украдени од народот ќе продолжат да градат имиџ на чесни и доблесни граѓани и да ги исмеваат сите останати од безбедна дистанца. Во тој судир меѓу криминалците и огромниот број граѓани со образ има две цели: прво, како држава да покажеме конкретни резултати, не само апсења за јавност, туку, изречени долгогодишни затворски казни и враќање на украденото, и второ, да се почитува презумпцијата на невиност, што значи, луѓето да не ги осудиме во јавноста пред да ги осуди надлежниот суд, нагласи Пендаровски.
Фокусот на Западен Балкан да не биде епизода
Тој упати барање и до Европскаата унија фокусот кон Западен Балкан да не биде само епизода поради војната во Украина.
-Војната ги разбуди и институциите во Брисел, ја раздвижи дебатата за иднината на Европа и ги реактивираше процесите кои беа практично замрзнати последниве години. Идејата за геополитичка Европа започна да добива некаква првична форма, а, според реториката на Брисел, Западниот Балкан е нејзин дел. Од оваа говорница сакам да упатам апел, повик до Европската Унија дека очекуваме новиот фокус кон регионот да не биде само епизода, предизвикана од војната во Украина која ќе трае додека Украина е во фокусот. За одржување на кредибилитетот на интегративниот процес Европа не смее да дозволи Западниот Балкан да го држи во фокусот само кога има војни или мигрантски кризи. Поддршката за Унијата меѓу граѓаните драматично опаѓа, се наоѓаме на критична точка и ова е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка, ги предупреди македонскиот претседател лидерите во Брисел.
Осврнувајќи се на коментарите од 2018 година дека за нашето членство во НАТО сме платиле превисока цена, шефот на државата рече дека требало да се случи големата трагедија во Украина, за да се увериме дека со Преспанскиот договор навреме се ситуиравме под колективниот штит на НАТО, без национално да се обезличиме, како што некои стравуваа.
Шефот на државата нагласи и дека во контекст на меѓународно заокружување на македонскиот идентитет, ова беше година на крупен исчекор и со конечното етаблирање на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија во рамките на православната екумена.
Пендаровски рече дека од независноста не сме имале подолг период на мирен развој на државата, а за неповолните внатрешни состојби во државата од кои граѓаните во висок процент не се задоволни, рече дека најголем дел од одговорноста ја паѓа врз грбот на домашните политичари и политички партии, почнувајќи од првите гарнитури во раните 1990-тите, па сѐ до овие што денес се на чело на институциите на централно и локално ниво. Кога довербата во институциите е на ниско ниво, истакна претседателот, демократијата е во сериозна опасност. (В.С.Н.)