Годинава ќе се журкаме по стари цени, новогодишните менија во кафеаните од 1.000 денари па нагоре

Високата инфлација и намалената куповна моќ не ги премислија граѓаните да се откажат од предновогодишните забави. Во некои компаниите овие забави се организирани и платени од менаџментот, а во некои пак вработените сами се организираат и си ги плаќаат од свој џеб. Кафеанџиите велат дека и покрај зголемените цени на храната, платите на работниците, цените на менијата годинава не се поскапени во однос на лани. Цените за пакетите за предновогодишните и новогодишните забави во зависност од тоа каков вид на храна и пијалаци е вклучено во цената, како и типот на објектот се движат од 1.000 денари па нагоре

885

Предоновогодишните прослави се во полн ек и покрај тоа што е средина на декември. Високата инфлација и намалената куповна моќ не ги премислија граѓаните да се откажат од предновогодишните забави. Во некои компаниите овие забави се организирани и платени од менаџментот, а во некои пак вработените сами се организираат и си ги плаќаат од свој џеб. Кафеанџиите велат дека и покрај зголемените цени на храната, платите на работниците, цените на менијата годинава не се поскапени во однос на лани. Цените за пакетите за предновогодишните и новогодишните забави во зависност од тоа каков вид на храна и пијалаци е вклучено во цената, како и типот на објектот се движат од 1.000 денари па нагоре.

-Цените за предновогодишните прослави не се зголемени во однос на лани. Можам да кажам дека дури се намалени, бидејќи потрошувачката моќ на граѓаните е многу мала, а платите не се доволно зголемени во однос на инфлацијата. За разлика од лани, ние ги симнавме цените по 200 денари по мени. Така на пример менито кое лани чинеше 1.200 денари сега е 1.000 денари, вели за ВЕЧЕР, Здравко, сопственик на угостителски објект.

Во предновогодишните пакети во кафеаните кои се движат од 1.000 до 1.500 денари се вклучени ордевери, салати, главно јадење и неограничено пиење, со вклучена жива музика.

Угостителите велат дека овој период од годината прават најголем промет па затоа гледаат колку што е можно повеќе да ги наполнат кафеаните, а за тоа како што велат треба да имаат и прифатливи цени.

Никола сопственик на една скопска кафеана за весникот ВЕЧЕР вели дека има интерес за предновогодишни прослави и оти од 15 декември натаму се му е пополнето.

-Имало немало пари кај народот секогаш постои расположение за славење. Сега се актуелни предновогодишните забави кои се организирани од компании или индивидуални групи. Цените на менијата не се зголемени и изнесуваат 1.550 со главно јадење и неограничено пиење и 1.350 салати, ордевери и неограничено пиење, вели Никола.

Во некои компании уште од ноември се знае каде ќе се организираат предновогодишната прослави, во други пак се чека 5 минути до 12. Сепак, најголем дел од прославите се организираат последната недела пред Нова година кога традиционално се бара место плус во реномираните угостителски објекти во градот.

(А.С.)