Од јануари, заклучно со 31 октомври, Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комуналниот отпад (РКЕ) има издадено лиценци за нови фотоволтаични централи со вкупно инсталирана моќност од речиси 272 MW.
Согласно со податоците на РКЕ, за десет месеци низ регулаторниот филтер се поминати вкупно 254 барања од приватни инвеститори, кои ја имаат комплетирано потребната документација и за кои се издадени лиценци за нови фотоволтаични централи за производство на електрична енергија од обновливи извори.
РКЕ, согласно со Законот за енергетика, во своја надлежност издава лиценци и носи одлуки за менување, пренесување, продолжување, суспендирање, одземање и престанок на лиценците за вршење одделни дејности од областа на енергетиката, како и за издавање привремени лиценци и лиценци за пробна работа.
РКЕ, водејќи се од начелото на транспарентност, достапност и јавност, има изготвено обрасци за сите приватни инвеститори во кои се наведени потребните документи, со цел да се поедностави процесот во доставувањето комплетни барања за добивање соодветна лиценца.
Инаку, во 2023 година, РКЕ има издадено лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од речиси 399 MW, додека во 2022 година се издадени лиценци за 152,2 MW.