Глас од јужна за северна!

72

Најверојатно напролет, откако ќе завршат сите процедури во грчкиот парламент, Спогодбата меѓу Македонија и Грција ќе почне да важи, и земјава и официјално ќе стане Република Северна Македонија.

Според Договорот од Преспа,  “веднаш по влегувањето во сила, земјава треба да ги извести сите меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции и форуми, чиј член е, за влегувањето во сила на оваа Спогодба”. Потоа,  треба да се побара од сите тие организации, институции и форуми да го прифатат и употребуваат новото име, а истата постапка владата во Скопје ќе ја спроведе и со сите држави членки на Обединети нации.

Поддршка за интеграциите кои земјата ја носат напред на форумот во Давос искажале еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
На средбата со еврокомесарот Хан, како што соопшти владината прес-служба, било констатирано дека спроведувањето на историскиот Договор од Преспа се одвива според планираното, и дека сега е време сиот напор на политичките процеси во Република Македонија да се фокусира на нагласена имплементација на реформите, за да се овозможи старт на преговорите за членство во ЕУ.

Во разговорот со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг уште еднаш биле афирмирани пораките за поддршка и охрабрување што и понатаму стигаат од НАТО, да се финишира спроведувањето на Договорот од Преспа, како и очекувањето на почетокот на ратификацијата на протоколот за членство.

Премиерот Заев потенцирал дека нашата земја е целосно подготвена за тој значаен чин, како еден од двата врвни приоритети на Република Македонија на меѓународен план во 2019 година.

Во исто време во грчкиот парламент е најавено гласањето за ратификација на Договорот од Преспа, откако заврши расправата која претходеше во изминативе два дена.

За расправа беа пријавени 206 пратеници, а говор одржаа и министрите од Владата, а пред самото гласање беше предвидено збор да земат и лидерите на политичките партии. Според пишувањата на грчките медиуми, се очекуваше тензиите да кулминираат кога пред пратениците ќе се обратат премиерот на Грција, Алексис Ципрас и лидерот на опозициската Нова демократија, Киријакос Мицотакис.

Паралелно со расправата, за попладневните часови во центарот на Атина, закажани беа протести против Договорот од Преспа.

Закажаните демонстрации во комбинација со сериозните инциденти на протестот во неделата, донесоа засилени безбедносни мерки во грчката престолнина, особено во делот околу плоштадот Синтагма и грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Метро-станицата на плоштадот Синтагма, беше најавено дека ќе биде затворена од 16:30 часот по локално време.
По гласањето во грчкиот парламент, доколку се обезбедат потребните пратеници за да се изгласа ратификацијата на Договорот, следен чекор е владата во Атина да го информира генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг дека ја завршиле постапката. Потоа НАТО треба да го подготви протоколот за прием на Македонија и уште во почетокот на февруари македонските политичари да бидат повикани за да го потпишат. Веднаш по овој чекор, најавите се дека Грција ќе ја ратификува поканата за членство во НАТО на земјава, чекор по кој уставните амандмани кои ги усвои македонското собрание влегуваат во сила. Оттогаш всушност и Македонија станува Република Северна Македонија и почнува да важи спогодбата.