Иако за потврда на кандидатурата за претседател на држава се потребни 10 илјади потписи, кандидатите кои веќе го надминаа потребниот минимум, особено главните претенденти од двете најголеми политички партии, сè уште бројат и се натпреваруваат кој ќе добие поголема поддршка од граѓаните заклучно со петок на полноќ, кога истекува рокот за собирање на граѓанските потписи. Во исто време, на неколку дена пред истекот на рокот, ДИК впиша ново име на листата, Гоце Ристов, кој во „пет до дванаесет“ почнува од нула и до петок треба да ги собере потребните 10.000 потписи за да може да влезе во трката за претседател на државата. За жал, не успеавме да откриеме повеќе детали за тоа кој е Гоце Ристов.
Според последниот пресек за состојбата на бројот на собраните потписи за кандидатите за претседател, заклучно со понеделникот до 20 часот, истиот ден кога Ристов ја поднел иницијативата, тој му се приклучи на Томе Николоски во групата кандидати со нула граѓански потписи. Николоски пред неколку дена објави дека се откажува од трката.
-Денес, до Државната изборна комисија е доставена Иницијатива за собирање на потписи за кандидатура за претседател на Република Северна Македонија, од страна на Гоце Ристов. Потписите ќе се собираат во подрачните одделенија/канцеларии на Државната изборна комисија на цела територија на државата, соопштија во понеделникот од ДИК.
Досега седум кандидати успеаја да го обезбедат своето место на изборното ливче за претседател на државата. Кандидатите на СДСМ, Стево Пендаровски, и на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, за само еден ден, собраа над 20 илјади граѓански потписи, или двојно повеќе од потребниот минимум. Заклучно со понеделникот, Силјановска-Давкова веќе имаше граѓански потписи од 28.086 граѓани, а Пендаровски имаше 22.411 потписи.
Од кабинетот на актуелниот претседател и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски, соопштија дека тој добил поддршка за кандидатурата од речиси 15 партии.
-Посочувајќи дека претседателот Пендаровски е претставник на сите граѓани, без разлика на етничка, политичка, верска или каква било припадност, зад претседателот Пендаровски застанаа коалиционите партнери на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), односно Нова социјалдемократска партија (НСДП), Демократска обнова на Македонија (ДОМ), Либерално-демократска партија (ЛДП), Партија на пензионери (ПП), ВМРО Народна партија (ВМРО НП), Партија за движење на Турците во Македонија (ПДТ), Сојуз на Ромите во Македонија, Демократски сојуз на Власите, Партија за општествен и економски напредок (ПОЕН), Странка на демократска акција на Македонија (СДА), Социјалдемократска Унија (СДУ), Партија за демократски просперитет на Ромите (ПДПР) и Партија за европска иднина (ПЕИ), стои во соопштението.
Претходно Пендаровски во телевизиско гостување порача дека тој сигурно ќе биде победник во вториот круг. Пендаровски рече дека претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицковски зборува дека нивниот кандидат ќе води со над 100 илјади гласови во првиот круг од изборите, без притоа да каже како ќе биде соодносот во вториот круг.
-Сите нивни прогнози се базираат на првиот круг. Никој никогаш не станал, со седум кандидати, претседател во првиот круг. Значи анкетите кои јас ги знам, а ги знаат и во ВМРО-ДПМНЕ, е дека во вториот круг јас сигурно го добивам нивниот кандидат, рече актуелниот претседател и кандидат за нов мандат во гостување на ТВ Сител.
Пендаровски појасни дека условот еден кандидат да победи во првиот круг е за него да гласаат 50 проценти плус еден граѓанин, од сите луѓе запишани во избирачкиот список, значи околу 900 илјади граѓани, што, како што истакна претседателот тој, е апсолутно невозможно. Во однос на можен бојкот на претседателските избори од страна на ДУИ, Пендаровски вели дека ако не успеат изборите во рок од 40 дена мора да се повторат, но вели дека не гледа причина зошто ДУИ би го бојкотирала вториот круг. Актуелниот шеф на државата истакна дека ја очекува поддршката од сите етнички заедници, затоа што никој не може да стане претседател ако не добие широка граѓанска поддршка.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека со нивниот кандидат, професорката Гордана Силјановска-Давкова се испраќа порака за обединување и дека партијата ќе им понуди на граѓаните осумгодишна визија која значи поврзување и на улогата на претседателот и идната влада.
-Процесот на собирање на граѓански потписи даде дополнителен легитимитет за Силјановска-Давкова. Неспорно е дека суверенитетот кој го имаат пратениците извира од граѓаните, но можноста на поголема група граѓани да изразат поддршка не би рекол дека е само поврзано со одредена мобилизација на ВМРО-ДПМНЕ, сретнав многу луѓе кои не се членови на партијата, туку видоа можност да изразат уште сега поддршка за Силјановска-Давкова како кандидат од кој очекуваат да донесе промени. Видовме сериозна мобилизација, над 27.000 потписи собрани во рок од еден ден за поддршка на Силјановска-Давкова, сега влегува во кампањата, комуникација со граѓаните, претставување на платформа. Во моментот веќе не го чувствуваме СДС како политички конкурент, бидејќи сметаме дека е извесно дека ќе имаат лош резултат на парламентарни избори и извесно е дека Стево Пендаровски нема да биде претседател на Македонија, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски за „360 степени“ на МТВ.
Силјановска-Давкова, пак, неодамна изјави дека актуелната власт ѝ нанела голема штета на Македонија со договорот за добрососедство со Бугарија и тоа е една од причините зошто се кандидирала повторно за претседател на Македонија. Во гостување на ТВ Алфа, таа рече дека времето што го живееме е поинакво од 2019 година.
-Се покажа дека во политиката влегле или на функции се нашле луѓе кои не можеле да ги антиципираат процесите, односите и настаните. Тоа се луѓе аматери. Мислеле дека ако ја направиме оваа отстапка од утре се отвора патот кон ЕУ и нема да има никаков проблем. И страшно е кога уште веруваат дека се на правиот пат, рече Силјановска-Давкова.
Државната комисија за спречување на корупција ги потсети функционерите дека е забрането користење на канцелариски простор, опрема и службени возила за потребите на изборните кампањи. Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај, за кога се закажани и парламентарните избори. (В.С.Н.)