Се чека нов закон за да може да се намалат функционерските плати. Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, деновиве кажа дека Законот за плати е обемен, а драфт-верзијата е веќе пратена до работната група која е задолжена за тоа, дури потоа треба да се отвори широка дебата. Според него, со овој закон ќе се креираат стандарди и точно ќе се знае колку бодови има секое работно место, за секој профил. Кратењето на платите прв го најави вицепремиерот Фатмир Битиќи, а го потврди премиерот Димитар Ковачевски, но и покрај тоа на последната владина седница не се најде решение за функционерските плати. Некои од функционерите јавно се изјаснија дека зголемувањето на платите во услови на економска криза е непримерно, но ниту еден од нив реално не го стори тоа
Нафатираните функционери чекаат закон за да ги намалат нивните плати. Зголемувањето се случи пролетта за пет минути од кога Уставниот суд даде зелено светло. Тие веќе седум месеци земаат плати за 78 отсто повисоки, додека останатите вработени од речиси сите сектори едвај по бројни протести добија 10-процентно зголемување, од 2.000 до 3.000 денари.
Кратењето на платите прв го најави вицепремиерот Фатмир Битиќи, а го потврди премиерот Димитар Ковачевски, но и покрај тоа на последната владина седница не се најде решение за функционерските плати. Некои од функционерите јавно се изјаснија дека зголемувањето на платите во услови на економска криза е непримерно, но ниту еден од нив реално не го стори тоа.
Сепак министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, деновиве кажа дека Законот за плати е обемен, а драфт-верзијата е веќе пратена до работната група која е задолжена за тоа, дури потоа треба да се отвори широка дебата. Според него, со овој закон ќе се креираат стандарди и точно ќе се знае колку бодови има секое работно место, за секој профил.
– Законот за плати го работиме одамна. Дава рамка за целиот платен систем и длабоко веруваме дека со него ќе се реши проблемот со кој во моментов се соочуваме. Сега, во различни институции, колеги со ист профил имаат различни плати. Во Министерството за финансии, колегите земаат 30% повеќе плата од колегите во други министерства. Дисторзијата е очигледна. Со законот ќе креираме стандарди и ќе се знае точно, преку каскаден систем, колку бодови има секое работно место, за секој профил. Се надевам дека ќе имаме платен систем кој ќе даде јасна слика за административците и за функционерите, информираше министерот Алиу.
Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, во неколку наврати кажа дека очекува, но и бара да бидат намалени платите на функционерите вклучително и неговата. Пендаровски потсетува дека тој е првиот државен функционер кој побара корекција на платите и намалување на коефициентот.
-Час поскоро е потребно Владата да предложи законско решение со кое ќе се изврши намалување на висината на платите на функционерите – кажа и деновиве Пендаровски и дополни дека е потребно и опозицијата да поддржи решение за намалување на функционерските плати.
Загрижува податокот дека од јануари 2024 година платата на сите функционери ќе расте со порастот на просечната плата, којашто годинава е повисока во однос на лани, па и зголемувањето ќе биде поголемо. За разлика од овие плати, најголемиот дел од вработените едвај добија корекција на платата од само 2.000 денари наспроти 1.000 евра на функционерите.
Така платата на премиерот Димитар Ковачевски, којашто беше околу 90.000 денари, со 78 отсто во март скокна на приближно 160.000 денари, а во јануари ќе се „појача” на околу 184.000 денари. Анализите велат дека по три месеци новото зголемување на функционерските месечни примања ќе биде до 40.000 денари бруто, односно 24.000 нето за највисоките функционерски плати. Се работи за платите на пратеници, министри, претседателот, градоначалници, односно на околу 2.000 избрани и именувани функционери, за кои Уставниот суд на 21 март ја укина фиксната основица за пресметка на функционерските плати во износ од околу 25.000 денари, со образложение дека не може да има две основици за пресметка на плата.
Просечната бруто-плата лани изнесувала 43.509 денари, а во јули годинава достигна 54.434 денари. До јануари растот ќе биде поголем, па затоа корекцијата на платите ќе изнесува од 150 евра до 400 евра месечно, во зависност од коефициентот на сложеност на работното место.
(В.Ма.)