Вработените во македонските конфекции остануваат меѓу најслабо платените работници во државата. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во ноември годинава најниска просечна плата е пресметана во рибарството и аквакултурата – само 15.840 денари, следни се производителите на кожа со 15.245 денари, а на трето место со просечна плата од 16.710 денари се производителите на облека.
Дека платите на македонските конфекционери, кои главно работат за странски партнери по системот на лон-производство, се неоправдано ниски открива токму еден странски партнер.
Марк Безнер, шеф на германската компанија „Олимп“, за која до лани шиеше велешката конфекција „Стоби“, појаснува дека соработката со оваа фирма ја прекинал поради тоа што на работниците не им биле исплатувани фер-плати.
– Баравме од фабриката да ги следат нашите стандарди и на работниците да им исплатат фер плата. Но, на крајот на денот, фабриката не беше во согласност со нашите барања и морав да ја прекинам соработката минатиот месец (се мисли на септември лани н.з.) според законските услови… Нашиот услов е дека во секоја земја, каде што произведуваме, најмалку, да се платени минималните плати. Нормално, нашите фабрики плаќаат повеќе од минималните плати, затоа што ние плаќаме бонуси за добар квалитет. Причината е тоа што имаме корист и од подобар квалитет на нашите производи… За вработените ми е многу жал. Тие испорачуваа врвен квалитет со години. За шефот на фабриката не ми е жал, изјавил Безнер при снимањето на документарно видео на германската национална АРТЕ телевизија.
Оваа изјава на фејсбук-профилот, на невладината организација „Гласен текстилец“, ја пренесува нејзината претседателка Кристина Ампева, која појаснува дека додека биле во Македонија, авторите на документарецот поработиле и на случајот со фирмата „Стоби“. Инаку, по губењето на зделката со германскиот партнер оваа фирма е затворена, а без работа се 200 работнички.
-Не е битно де што кажал, штетата е таа, останаа 200 луѓе на улица, но важно е да се знае дека најчесто брендовите не знаат што се случува во фабриките каде што се шијат нивни производи. Само заради незаконското работење на добар дел од нашите газди, да стрпаат повеќе во џебот, на штета на работниците. Само заради нивната алчност, останаа без работа и тие како газди, но и работничките и работниците, коментира Ампева во врска со изјавата на Безнер.
Ова не е прв пат странци да снимаат документарец за условите во кои работат македонските текстилки. Пред пет-шест години швајцарска невладина организација сними интересен спот со кој ги повика тамошните болници, полиција, пожарникари… да не носат униформи кои се шиени во фабриките во нашата држава, во кои работничките работат за исклучително ниски плати, во тешки услови, без елементарно почитување на нивните законски дадени права.
(С.В.)