Според прелиминарните проценки, годишната стапка на инфлација во Германија во ноември падна на 3,2% на годишно ниво, од 3,8% во октомври, соопшти германската федерална служба за статистика – „Дестатис“.
„Ова е најниското ниво на инфлација забележано во Германија од јуни 2021 година“, се наведува во соопштението.
Цените на храната се зголемија за 5,5% на годишно ниво во ноември, додека цените на енергијата паднаа за 4,5%.
На месечна основа, инфлацијата во Германија падна за 0,4%.
Намалувањето на инфлацијата, што се случи во ноември, е повеќе од очекуваното, поради намалувањето на трошоците за енергија и патувања, а целта на Европската централна банка, за два отсто инфлација, одамна не била поблиску.
-Потрошувачките цени се зголемија за 2,3 отсто на годишно ниво, што е помалку од 3 отсто во октомври и помалку од 2,5 отсто од прогнозите на економистите, објави „Блумберг“.
Новите проекции на ЕЦБ кои се очекуваат на 14 декември ќе дадат увид во тоа колку брзо и одржливо инфлацијата ќе се врати на целниот опсег. Тоа би требало да им помогне на креаторите на политиката да ги обликуваат своите планови за следната година, при што инвеститорите очекуваат намалувањето на каматните стапки да започне во април.
Во Германија, претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел, предупреди дека борбата против инфлацијата не треба да се напушти прерано. Официјалните лица не можат да претпостават дека ценовните притисоци ќе продолжат да се намалуваат толку брзо како минатата година, рече Нагел.