Според градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, законска обврска е секое барање за донација да се стави на гласање. – Општина Центар останува посветена на одговорното управување со буџетските средства и на реализирањето проекти што директно ги подобруваат условите за живот на сите наши граѓани – смета тој
Од „Шанса за Центар“ реагираат на тоа што градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на следната седница на Советот бара одобрување од советниците Општината да ѝ донира на МПЦ пари од граѓаните за изградба на храм во Берлин.
Тие потсетуваат дека Општина Центар со одлука веќе е милостива кон МПЦ, бидејќи не ѝ наплаќа пенали за незавршената градба на црквата „Свети Константин и Елена“ на улицата „Македонија“.
– Сакаме, исто така, да потсетиме на секуларноста на Македонија, која е запишана во Уставот. Во Центар живеат граѓани со различни вери и убедувања. Дали треба да се донираат парите на граѓаните за верски објекти? – прашуваат од „Шанса за Центар“.
Притоа, предлагаат сите оние што го поддржуваат предлогот на градоначалникот, место да трошат од јавните пари на граѓаните, да направат лична донација со донирање на месечниот надоместок за учество во Советот, бидејќи, како што велат, во Општина Центар, МПЦ е коинвеститор – сопственик на дел од зградите на паркингот кај „Холидеј ин“.
Во врска со реакциите поврзани со предложената точка на дневниот ред за донирање финансиски средства на Македонската православна епархија за Европа – Берлин, од Општина Центар апелираат до граѓаните да не подлегнуваат, како што нагласуваат, на инсинуациите и на шпекулациите со кои се доведуваат во заблуда, дека Општината или градоначалникот одобриле донација.
– Градоначалникот Герасимовски соопшти дека тој и советниците на СДСМ нема да гласаат за донацијата, а законска обврска е секое барање за донација да се стави на гласање. Општина Центар останува посветена на одговорното управување со буџетските средства и на реализирањето проекти што директно ги подобруваат условите за живот на сите наши граѓани – соопштија од локалната самоуправа.
Герасимовски е дециден:
– Став на советниците на СДСМ и мој личен став е дека нема да поддржиме проекти од буџетот на Општина Центар што не се во интерес на граѓаните на Општината.
(А.П.)