Георгиевски: Реализиравме над 100 проекти, акцент ставаме на животната средина

115

Над сто проекти во различни области реализирало општинското раководство на Гази Баба, предводено од градоначалникот Борис Георгиевски. Тој во обраќањето до јавноста што направил во двегодишниот мандат истакна дека од општина која ја наследил со долг од 2,5 милиони евра и мноштво нерешени проблеми, сега може да каже дека работите одат кон подобро.

– Изградена е патна инфраструктура во должина од 33 километри, односно поставен е а-салт на 67 улици. Се гради вакуум канализациска мрежа во Јурумлери, а по 17 години жителите на Трубарево добиваат канализациска мрежа. Во декември оние домаќинства кои не се приклучени, бесплатно ќе бидат приклучени на канализациската мрежа – истакна Георгиевски и посочи дека вложуваат во подобро образование преку реконструкција и изградба на 22 детски, 11 спортски игралишта, а на четири игралишта е поставена вештачка трева.

Тој најави дека во следните две години најголем акцент ќе стават на животната средина. Целта, како што рече, е до 2020 година да уредиме 15.000 квадратни метри јавен зелен простор, раззеленување на училишните дворови и градинките. За наредниот период е предвидена изградба на нови училишни спортски сали.

– Започнуваме со изградба на нова училишна зграда за ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Ченто, како и проширување на капацитетот на градинките и започнуваме со изградба на нови четири градинки во Ќерамидница, а следуваат Сингелиќ, Инџиково и Трубарево. Жителите на Автокоманда ќе добијат три монтажни паркинг гаражи, а почнува и субвенционирањето за изведба на енергетски фасади на станбените згради, рече Георгиевски. Додаде дека докажале ако се работи домаќински, во интерес на граѓаните, може да биде подобро.

Од капиталните проекти кои се очекуваат во тековната година се реконструкција на патот Раштак-Бутел, изградба на нов пат во Булачани во должина од еден километар, ревитализација на локален пат во Виниче, изградба на водоводна мрежа во ниската зона на Раштак, водоводна мрежа во Страчинци, канализациска мрежа во Смилковци.