Георгиева: МЗ ќе испрати информација до Владата и до ФЗО од наредниот месец да биде коригирана платата на приватните специјализанти

35

Доктор Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти, информираше дека на денешната средба во Министерството за здравство им било кажано дека МЗ ќе испрати информација до Владата и до ФЗО, да постапуваат согласно веќе донесените одлуки и веќе од наредниот месец да биде коригирана платата на приватните специјализанти.

– Бевме примени од страна на советници на министерот, тој присуствувал на друг настан во соработка со СЗО.

Еден од советниците беше правен советник и ја извлековме одлуката, врз која всушност се исплаќаат надоместоците за приватните специјализанти од 2018 гоодина.

И во неа, како одлука на Влада, децидно стои дека платата на приватните специјализанти треба да е во висина на плата на општ доктор за дадена година.

Ни беше ветено дека МЗ ќе прати информација до Владата и до ФЗО, да постапуваат согласно веќе донесените одлуки и веќе од наредниот месец, да биде коригирана платата на приватните специјализанти – да биде на ниво на просечна плата на општ доктор, појасни таа.

Одговарајќи на новинарско прашање, таа додаде дека износот на просечна плата на општ доктор сега е околу 44. 000 денари.

– Ние треба да ја земаме таа плата според владината одлука, истакна Георгиева.

Добиле и ветување дека здравственото осигурување веднаш ќе биде воспоставено, односно ќе се пратело информација до јавно здравствените установи оти треба сите на приватна специјализација да бидат здравствено осигурани.

– Околу трансформација на договор на дело – во договор на неопределено, добивме информација дека всушност 1.117 согласности пристигнале од Владата во месец февруари, но, не биле реализирани поради оној мораториум што го налага изборниот период и фактот, дека не можат да бидат отворени конкурси за вработување.

Беше дадено ветување за масовни конкурси отворени во јавно здравствените установи по завршувањето на изборниот циклус, а ние дадовме забелешка, баравме да има измена на законот во критериуми за вработување – да биде дадена предност на колегите на специјализација, бидејќи сега таков критериум не постои, да бидат акумулирани сите активни доктори, а потоа нормално сите колеги кои се општи доктори, подвлече таа.