Петнаесеттата самостојна изложба на Гордана Вренцоска, насловена „Геометриски медитации“, ќе биде отворена вечерва, (12 јули) во 19 часот, во Домот на културата „Тошо Арсов“ – Виница, во чија организација е настанот.

„Виница, од искона па до денес, е позната по маестралниот сестран талент на виничани. Можеме да бидеме горди на вредните луѓе кои Виница ја издигнуваат на пиедесталот во повеќе сфери на општеството. Така е и кога станува збор за културата. Токму од нашиот град потекнуваат извонредни уметници, особено ликовни творци. Гордана Вренцоска, како една од нив, се истакнува како исклучителен деец, интердисциплинарен уметник, дизајнер и професор. Нејзиниот истражувачки дух и маестралното претворање на резултатите од истражувањата во уметничките дела е она што ја прави носител на современата уметничка теорија и практика“, посочува Благица Стојановска, директорката на Домот на култура „Тошо Арсов“ – Виница.

Таа додава дека циклусот на слики и графики „Геометриски медитации“ го нагласува автентичниот и оригинален дух на авторот.

„Делата на Вренцоска се препознатливи по својот сензибилитет, едноставност и совршеност во геометриската форма. Тие се израз на една одлична персонализирана ликовност, со моќноста на чистата форма, суптилните релации и препознатливата златеста колористика. Ликовното творештво на Гордана Вренцоска се карактеризира со полна визуелност и оригинален пристап кон реализација на творечките идеи транспортирани со современ графички израз. Нејзините слики се во служба на божествената убавина, со висок културен рејтинг кои говорат за еден голем мајстор кој себеси се обликувал со отворени очи, со посветување на учењето и творењето и со континуирано работење и усовршување“, додава Стојановска.

Изложбата е во рамки на програмата на настани за Павловден, на Општина Виница, а поддржана е и од Министерството за култура.