Во Културно информативниот центар – Скопје вечер ќе биде отворена изложбата „Геолошки пресек 2“ од Давид Атанасовски.
“Разновидните материјали со специфични текстури, архитектонски елементи и конструкции претставуваат основни морфемски единици интегрирани во независниот творечки јазик на академскиот скулптор Давид Атанасоски. Преку сложените слики-објекти, скулптури и ѕидни инсталации скулпторот го манифестира интересот за стратиграфијата и еволуцијата на Земјата, притоа „стратиграфските“ или „геолошките“ пресеци преминуваат во метафора за севкупната историја, мудрост и еволуцијата на човештвото“, велат од КИЦ – Скопје.
Преку сложените архитектонски конструкции, најчесто изработени од отпадни или рециклирани материјали, дополнуваат од КИЦ – Скопје, скулпторот Атанасоски прави споредба и ја нагласува симбиозата помеѓу живототворната креативна моќност на природата и антропогената творечка активност.
Давид Атанасоски е роден во Прилеп 1995 година. Завршил Факултет за ликовни уметности Скопје во 2018 година. Член е на меѓународна организација за уметност и култура „Narrative Moments“.