Генералот Кирилов, кој тврдеше дека Украина ќе убива руски војници со заразени комарци, загина од украински експлозив 

943

Украина ја презема одговорноста за убиството на рускиот генерал-полковник Игор Кирилов, шеф на рускиот Корпус за одбрана од нуклеарни, биолошки и хемиски закани, кој денеска  заедно со помошникот загина пред станбена зграда од експлозив скриен во електричен скутер. Извор за „Киев Индипендент“ вели  дека Кирилов е убиен во операција на украинската Служба за безбедност. Руските власти за атентатот го обвинуваат и Западот, особено Велика Британија и САД, и најавуваат итна одмазда. Андреј Картаполов, претседателот на Комитетот за одбрана на државната Дума, рече дека ќе ги најдат и казнат сите одговорни за организацијата и извршувањето на ова злосторство, без разлика кои се и каде се. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на „Телеграм“ напиша дека Кирилов „со години систематски ги разоткрил злосторствата на Англосаксонците“

 

 

„Кирилов беше воен злосторник и сосема легитимна цел бидејќи даваше наредби да се користи забрането хемиско оружје против украинската војска. Одмаздата за воените злосторства е неизбежна.“ Со ова објаснување дадено од неименуван украински извор за „Киев индепендент“ Украина ја презема одговорноста за убиството на рускиот генерал-полковник Игор Кирилов, шеф на Корпусот за заштита од нуклеарни, биолошки и хемиски закани, кој загина утринава пред станбена зграда во Москва од експлозив поставен на скутер. Изворот за „Киев индепендент“ вели дека зад атентатот стои украинската Служба за безбедност.

Рускиот истражен комитет го окарактеризира убиството на Кирилов како „терористички чин“. Портпаролката Светлана Петренко изјави дека „инцидентот е класифициран како терористички чин, убиство, нелегална трговија со оружје и муниција“. Русија сега најавува одмазда и тоа, како што вели заменик-претседателот на Советот за безбедност, Дмитриј Медведев – итна.

– Сфаќајќи ја неизбежноста на воениот пораз, тие прибегнуваат кон кукавички и предавнички напади врз мирните градови, посочи тој.

И додека светот со неколку предлози за помирување очекува спласнување на тензиите, овој настан може да му даде нов поттик и обем на воениот конфликт што трае повеќе од 1.000 денови, зашто освен Украина, руските власти за атентатот го обвинуваат и Западот, особено Велика Британија и САД. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на „Телеграм“ напиша дека Кирилов „со години систематски ги разоткривал злосторствата на Англосаксонците“. Нејзината позиција ја поддржа Андреј Гуруљов, член на државната Дума и пензиониран генерал, кој го опиша Кирилов како личност која „ги следела и ги разоткрила криминалните активности на САД и нејзините сателити, вклучително и криминални биолаборатории и ширење на хемиски и биолошки оружје“. Тој  повика на „жестока одмазда“, која, според него, ќе вклучува „удари врз англосаксонските претставници“. Неговите изјави доаѓаат во време кога односите меѓу Русија и Западот се дополнително затегнати, а Москва се повеќе го користи наративот „заговор на Западот“ за да ги оправда своите воени и политички потези.

Кирилов загина заедно со неговиот помошник во експлозија на бомба поставена на скутер додека излегуваше од станбена зграда денеска рано изутрината во југоисточниот дел на Москва, на околу 6,5 километри источно од Кремљ. Руските медиуми објавија дека уредот бил далечински управуван и дека можеби содржел околу 300 грама материјал сличен на ТНТ. На снимките од местото на настанот се гледа дека влезот во зградата е сериозно оштетен, а стаклата се искршени. Како што пресмета Би-би-си, за да предизвика смрт, 300 грама, ТНТ би требало да експлодира на околу 1,55 метри оддалеченост од некоја личност.

Кирилов беше една од најмоќните воени фигури во Русија, а кариерата ја почнал во Советската армија во 1987 година. Од април 2017 година тој ги водеше единиците на РХБ, кои се специјални сили што дејствуваат кога постои закана од радиоактивна, хемиска и биолошка контаминација и беше под санкции од неколку земји, вклучувајќи ги Обединетото Кралство, Украина и Канада, поради неговата улога во руската инвазија. Кирилов е познат по тврдењето дека Киев прави „валкана бомба“, односно оружје што ќе шири нуклеарен материјал со намера да ја обвини Русија за неговата  употреба. Тој, како што пренесе Би-би-си, исто така, тврдеше дека САД ќе ѝ дадат на Украина биолошко оружје и дека тоа ќе вклучи таргетирање на руските војници со заразени комарци. Според руските медиуми, Кирилов постојано тврдел дека САД ја прошируваат својата мрежа на биолошки лаборатории надвор од својата територија и спроведуваат истражувања со високопатогени вируси и бактерии, кои, според него, претставуваат биолошка закана и за другите земји. Во јануари 2024 година тој изјави дека високи американски функционери намерно ја попречувале истрагата за причините за пандемијата ковид-19 и манипулирале со јавното мислење, а во март истата година, презентираше документи со кои сакаше да потврди дека САД и нивните сојузници во НАТО спроведуваат воени биолошки програми во Украина. Тогаш тој појасни дека во Украина се произведуваат компоненти за биолошко оружје и дека Пентагон спроведува опасни експерименти „проценувајќи ја подложноста на украинското население на зоонозни инфекции“. Би-би-си потсетува дека Кирилов исто така, во 2018 година сугерираше дека Британија е вмешана во труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во Солсбери. Како што потсетува сервисот, Британија во октомври го санкционираше Кирилов и го опиша како „значаен портпарол на руските дезинформации“.