Гевгелиската „супермама“ Елена го доби петтото чедо!

265

Гевгеличанката Елена Поп-Костова на 8 јануари го роди своето петто чедо. Елена и нејзиниот сопруг Костадин веќе имаат четири ќерки и како што велат, Господ им ја исполни желбата да добијат син. Таа својата радост ја сподели на својот фејсбук профил.

– Во населбата Караорман постои едно мало царство во кое живеат царот Костадин и царицата Елена. Пред 13 години нивната љубов ја крунисаа со нивната прва принцеза Леа. По седумнаесет месеци се роди и втората принцеза Ања и по нејзиното раѓање по седумнаесет месеци царицата повторно роди уште две принцези Лана и Луна. Во тоа царство владее мир, љубов, спокој и среќа. Љубовта и желбата за уште деца не застана опиени од виното наречено љубов, по 10 години царицата роди син. Принцот Стефан. Добредојде сине, принцу најубав! Наследнику наш – напиша Елена на фејсбук.

Таа вели дека е многу среќна што по четири девојчиња, таа и Костадин добија и машко чедо. Поубаво чувство, вели Елена, од тоа да подариш живот и да ти се роди дете, едноставно нема. Се до петтиот месец не знаеле за полот на детето, но кога им кажале дека ќе биде машко, решиле уште тогаш со сопругот, тоа да го носи името Стефан.

Елена и Костадин имаат четири девојчиња, од кои две се близначки. Леа е најстарата и е седмо одделение, Ања е шесто, а Лана и Луна имаат по осум години. Лана оди во четврто одделение, а Луна одела во прво одделение, но сега не посетува настава бидејќи има спастична церебрална парализа. Сите учат во основното училиште „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија.
Елена ја родила Леа на 18 години, а разликата помеѓу другите деца е една и пол година. Вели дека сите четири дечиња се различни, баш во се, и на изглед и во карактер. Сега, откако Стефан стигна дома, сите четири се натпреваруваат која побргу да го земе да го држи в раце.

Еден обичен ден е многу напорен, но Елена секогаш има план и организација. Домаќинка е и целото внимание им го посветува на децата, куќата и на мажот. Само за едната близначка и помагала нејзината мајка бидејќи нејзе и треба посебна нега, но откога мајка и тргнала на работа, за сите деца се грижат заедно со сопругот.

– Никаде не одам без нив. Многу ме слушаат и го почитуваат мојот збор. Јас сум млада, горда и среќна жена. За мене, семејството е свето нешто – благослов од Господ. Многу сум благодарна за сета помош од поширокото семејство. Мајка ми и свекрва ми се секогаш тука за нас – вели Елена.

Сите четири девојчиња имаат талент за музика кој го наследиле од мајка си, и имаат настапувано заедно на фестивалот „Распеани дечиња“ со композиција која ја напишале заедно со Игор Узунов. Ја прашавме дали им пеела на децата додека заспивале, ни кажа дека на девојките не им пеела, но сега, кога на Стефан ќе му запеаат, веднаш заспива.