Гвардиола има договор со Јувентус

179

Италијанското радио „Спортива“ предизвика фудбалски земјотрес со пласираната информација дека трофејниот шпански стручњак, Пеп Гвардиола, ќе биде именуван за нов предводник на калчо гигантот Јувентус и дека е постигнат договор за 4-годишна соработка.

Фредерико Генарели, новинарот на радио станицата, ја објави сензационалната информација на својот твитер-профил и додаде дека се договорени сите детали од идната соработка. Пред неколку дена, раководните лица на „старата дама“ и официјално потврдија дека ја прекинуваат соработката со Масимилијано Алегри, затоа што Јуве повторно не го освои трофејот во Лигата на шампиони.

Менаџерот на Челзи, Маурицио Сари, со денови важеше за прв фаворит кога е во прашање испразнетото тренерско столче, но последните случувања говорат дека во истото ќе седне менаџерот на Манчестер Сити.

Пред неколку дена Гвардиола во Торино имал состанок со спортскиот директор на Јувентус, Фабио Паратичи иако веднаш откако ја освои шампионската титула во англиската Премиер лига, трофејниот стручњак ги демантираше сите шпекулации дека планира да си замине од „Итихат“ за време на летниот преоден рок.

Според пишувањата на Марија Гага Хуерте, новинарката на шпанското радио Онда Черо, Гвардиола престојувал во Торино, но не поради некакви преговори. Тој имал средба со директорот на „старата дама“, но станува збор за обичен разговор пред почетокот на една од неколкуте добротворни вечери.