Државните претприја имаат големи расходи, голем број на вработени, транспарентноста е на многу ниско ниво, изборот на раководните органи е под силно политичко влијание и нема надзор и контрола во работењето во овие претпријатија. Ова се некои од заклучоците кои се содржани во финансиска анализа на работењето на 30 најголеми претпријатија.
Станува збор за претпријатија, основани од државата и од единиците на локалната самоуправа, чиишто вкупни приходи во 2018 година изнесувале 45 милијарди денари, односно 737 милиони евра и во кои на крајот од минатата година работеле вкупно 22.864 работници.
-Финансиските индикатори на овие компании заостануваат зад оние на профитните компании. Потребно е подобрување во менаџирањето со овие компаниите, бидејќи покажуваат преголеми расходи и имаат преголем број на вработени. Во периодот 2015 – 2018 година нивните вкупни приходи се намалени за 35 отсто, всушност тие едвај остваруваат 65 отсто од приходите што ги остварувале во 2015 година. Приходите се намалуваат, расходите се зголемуваат, а бројот на вработените расте што значи кај овие претпријатија нема штедење. Имаат лоша стапка на профитабилност, поврат на средства, поврат на капиталот…, вели Павле Гацов од Здружението на даночни советници.
Според него, некои од компаниите неможат да го вратат вложениот капитал ниту за 500 години. Друга работа е што плаќањето на обврските трае и по три години.
Гацов вели дека генерално е потребен стручен менаџмент кој може да ја подобри состојбата во овие претпријатија. -Некои претпријатија, особено оние од локална самоуправа покажуваат дури и загуба во работењето, а според Законот за јавни претпријатија кога компанијата искажува загуба на управителот му се дава рок од шест месеци да ја покрие во спротивно треба да биде разрешен, додава тој.
Досегашните анализи покажаа дека транспарентноста во овие претпријатија е исклучително ниска, изборот на раководните органи во овие претпријатија почива на силно политичко влијание, контролите на Државниот завод за ревизија во овие претпријатија се исклучително мали, што значи дека отсуствува надзор и контрола во работењето во овие претпријатија.
-Со сите овие анализи успеавме да го засилиме притисокот во јавноста во насока на тоа дека е потребно да се презмаат посериозни мерки за намалување на ризиците од корупција и злоупотреба во државните претпријатија. Во новата Национална стратегија за спречување на корупцијата која ќе се имплементира 2020-2024 година е предвидено во овие претпријатија да се имплементираат антикорупциски програми и да се работи на законската рамка која треба да овозможи намалување на силното политичко влијание во раководните структури и нивно порационално и поефикасно работење, вели Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации. (А.С.)