Гаспар Миклош Томаш е роден во романскиот град Клуж, во Трансилванија од каде што во 1981 се отселил заради политички причини. Во Унгарија стана еден од водечките дисиденти. За време на комунизмот и подоцна, до средината на 90-тите години соработувал со Виктор Орбан. Се разидоа кога сегашниот лидер на Фидеш драматично сврте на десно. Од 1989 до 1994 година претставник во унгарскиот парламент на Сојузот на слободните демократи во чие основање и самиот учествувал. Тој е еден од најпознатите унгарски интелектуалци во Трансилванија. Објавуваме дел од неговото интервју  за словенечко „Дело“ каде што тој се осврнува на состојбите во Унгарија.

Дали е Унгарија уште демократска?

Апсолутно не. Нема ни трага од демократија

Дали е тоа илиберална држава?

Не е илиберална во класична смисла. Тоа е автократија со извесна толеранција. Ве трпи додека не стекнете сила да ја преземете власта. Критичките гласови можат да постојат. Како најпознат критичар на режимот, на пример, не сум во затвор. Јас сум еден од последните интелектуалци кој зборува за политиката во Унгарија. Сите други молчат. Не затоа што се заплашени туку затоа што веќе нема надеж. Затоа луѓето што сакаат промени сега молчат.

Значи, тоа е илиберална демократија…

Орбан зборува исклучиво за илиберална држава. Во неговиот речник нема демократија. Орбан не го користи тој израз. Тоа е изум на западниот печат. Тој зборува за моќна национална/етничка држава, која не ги признава човековите права и уставот. Орбан никогаш не се крие зад маската демократ. Тоа е типично автократски систем, заснован на турскиот модел, со таа разлика што овде луѓето не ги праќаат во затвор. Противниците не се прогонуваат туку се купуваат. Кој не се дава да биде купен, станува мета на медиумски напади. Имено, сите медиуми се под контрола на владата. Бесплатно се понудија на медиумската компанија на Орбан, Кесма. Таа опфаќа 467 медиумски куќи и 19 државни телевизиски канали. Дури и приватните телевизии се под контрола на власта. За да ја заплашат сите тие по ред ја напаѓаа новата, млада либерална партија, Моментум. Затоа што наводно е промигрантска, а тоа не е точно. Горчлива иронија е тоа што опозицијата денес се согласува со Орбан за сè што тврди Орбан. Дури и кога се работи за борбата против мигрантите.

Кои во Унгарија воопшто и ги нема?

Се разбира дека не, затоа што на границата има ограда. На таа ограда се заснова целиот систем. Од 10 вести од странство, 8 или 9 по правило се поврзани со криминалните активности на мигрантите низ Европа. Таква е моментално медиумската надворешна политика. Тоа не е шега!

Орбан неодамна го распушти и Институт 56?

Сите некогашни институции се едноставно уништени. Институтот 56 го вклучија во крајнодесничарската организација Веритас. Тоа е фашистички пропаганден тинк-тенк. Институтот кој се занимаваше со востанието и советската окупација во 1956 година беше прогонуван со децении. Сега веќе го нема. Укината е дури и канцеларијата за заштита на спомениците. Архивите ги фрлија во ѓубре. Унгарија е единствена држава во светот каде што веќе нема уредена заштита на спомениците. Од зградата во Будим ја исфрлија националната библиотека и народната галерија. Официјално, затоа што на Владата ѝ е потребна зградата. Укинат е и Институтот за социологија. На Унгарија не ѝ е потребна социологија. Со закон се забранети родовите студии. Учењето за тие теми сега е илегално.

Како што е илегално да се биде бездомник?

Да, тоа е злосторство. Кој спие на улица, може да добие три години затвор. Дури и полицајците главно не ги прогонуваат бездомниците. Ако видат некого на улица, се прават дека не го гледаат. Тоа дури и за нив е премногу.

 Како е можно Орбан постојано да победува?

Орбан отворено најави дека ќе биде премиер барем до 2030 година. Моментално нема конкурент, затоа стана некако прифатлив. Иако сите знаат дека е најкорумпираниот политичар во светот. И веројатно е најголем богаташ во Источна Европа.

Како што тоа го прави Владими Путин?

Во споредба со Орбан, Путин е почетник. Овде е стопати полошо. Унгарија е во сопственост на западни и арапски компании од Заливот, Јордан, Египет, Турција. Советник на Орбан е, на пример, Аднан Полат, кој е советник и на претседателот Ердоган. Иштван Тиборч, зетот на Орбан, има бизнис со него. Полат седи во премиерската ложа кога Орбан доаѓа во парламентот. И она што не е во сопственост на странски компании и западниот капитал, е во сопственост на Орбан и неговите луѓе. Нема независни унгарски капиталисти, ниту унгарски олигарси. Постои само еден. Виктор Орбан.

Колкаво е неговото богатство?

Огромно. Има илјадници и илјадници хектари земја, градови, хотели, палати. Семејството на Орбан ги контролира градежните фирми и 467 списанија, како и неколку десетици радија и телевизиски станици. Сите локални списанија излегуваат со иста насловна страница. Можете ли да замислите? Околу 85 отсто од содржината на тие списанија е сосема иста. Се разликуваат само некои локални вести. Главните теми се подготвени во централата и потоа дистрибуирани по цела држава. Државната агенција МТИ сите вести ги праќа бесплатно, затоа тие се исти на сите радиостаници. Кај многу дури и гласот на спикерот е истиот… Единствената работа што ја прави државата е изградбата на фудбалски стадиони. Веќе има изградено над 200, што е огромен број за толку мала држава.

Дали Унгарија се враќа кон старите традиции?

Унгарија отсекогаш била антизападна, затоа денес Турција е толку популарна во Унгарија. Во 19-от век, кога Европа на Балканот се соочуваше со Турците, целата јавност беше на страната на Отоманците. Тогаш, на пример, буржоазијата од Будимпешта на Мехмед му подарила сребрен меч. На Берлинскиот конгрес, Гула Андраси се обидувал да ја спаси Турција зашто била противник на Западот. Познавам луѓе кои заради Трианон никогаш не отишле во Франција. Имено, тие мислат дека Франција нè мрази. За многумина Унгарци, Франција е проклета држава. Кога гореше Нотр Дам, некои аплаудираа со воодушевување. Каков апсурд!

Но тоа е парадокс: Постојано ја критикува Европската Унија, а истовремено без размислување зема пари од неа?

Што има необично тука? Сите земаат пари од непријателите. Никој не ги одбива парите на големите корпорации.

Орбан има среќа што во Европа никој не зборува унгарски. Тоа е негова голема предност. Кога во странство би ги читале неговите весници, сè би им било јасно. Во Брисел воопшто немаат поим што се зборува и пишува во Унгарија.

Европа е декадентна, лишена од секаква култура. Орбан во Киркизија зборуваше дека таму се нашите вистински предци. Дека сме историски поврзани со средна Азија, со Монголците, со Хуните, Татарите. На пример, сега Унгарија е полноправна членка на светското здружение на турски народи. Таа идентификација со Истокот оди многу длабоко, дел е од официјалната пропаганда. Ние сме потомци на Атила, вели Орбан. Затоа секој трет Унгарец се вика Атила. Тоа е убедливо најомиленото име.

Дали Унгарија ќе остане во ЕУ?

Борбата против ЕУ му треба само за да покаже дома дека може да им се спротивстави на големите.Тоа воопшто не го интересира Орбан. Тој пред сè сака да му даваат пари и да го остават на мира. Стопати е поинтелигентен и поитар од западните политичари. Манфред Вебер или Урсула вон дер Лејен не можат да се носат со него. Многу е попаметен од нив.

Кои се всушност негови сојузници во Европа?

Во овој момент само српскиот претседател Александар Вучиќ. Министерот за надворешни работи, Петер Шијарто, на пример, учествуваше во изборната кампања на Вучиќ и многу гадно ги навредуваше неговите противници. Тоа беше непосредното унгарско влијание на изборната кампања. Во Словенија, голем сојузник на Орбан е Јанез Јанша, кој сега не е на власт. Многу се интересни односите со Македонија. Побегнатиот Никола Груевски, некогашниот премиер, кој доби политички азил во Будимпешта е советник на министерот за надворешни работи и постојан гостин на сите приеми. Хрватска е непријател, а Србија главен сојузник. Со таквите врски, Будимпешта сака да докаже дека е регионална сила. Унгарија е политички изолирана и нема вистински пријатели. Тоа е лошо за мала држава.