Во срцето на Бистра, овој четврток, на 1. август, започнува 5. издание на Галичник Филм Фестивал. Ова не е само филмски фестивал, туку вистинска магија на големиот екран, која ги спојува љубителите на филмот од регионот.
Овогодинешната програма на фестивалот е посебна. Селектирани се 28 краткометражни филмови, кои доаѓаат директно од престижните филмски фестивали како што се Канскиот филмски фестивал, Венецијанскиот филмски фестивал, Торонто Филм Фестивал, Санденс, Локарно и многу други. Овие филмови, кои претставуваат богатство на жанрови и приказни, ќе ве однесат на патување низ различни култури и емоции.
По свеченото отворање, магијата ќе продолжи со настапот на Скопје Брас Квинтет. Нивната музика ќе ја исполни вечерната тишина, создавајќи совршен спој на звуци и слики. Дел од проектот „Филмско-музичка Фузија“, тие ќе отсвират новокомпонирана музика на познати филмски сцени.
Во текот на четирите дена, покрај филмските проекции, посетителите ќе имаат можност да учествуваат во различни активности – дискусии со режисери и актери, работилници, и многу повеќе. Љубителите на културата ќе можат да ги истражат и историските и културните знаменитости на Галичник, да уживаат во локалната гастрономија и да се поврзат со природата.
Галичник Филм Фестивал не е само настан, тоа е доживување кое ќе го носите со себе долго време. Ова е можност да бидете дел од нешто посебно, нешто што ќе го збогати вашето лето и ќе ви донесе незаборавни спомени.
Како дел од жири комисијата оваа година се актерот Ѓорѓи Јолевски, режисерката Тамара Котевска и филмскиот монтажер Мартин Иванов и кинематографот Џин Дакар.
Во рамките на фестивалот ќе се одржи и балканската работилницата за краткометражни сценарија под водство на Дејан Дуковски. Избрани се 5 проекти во развој од земјата и регионот.
Фестивалот е поддржан од Агенција за Филм на РС Македонија и Министерство за Култура и Туризам. Програмата на Галичник Филм Фестивал е бесплатна.