„Газета Експрес“: Луѓето на Трамп се заканија дека Америка ќе ги повлече трупите од Косово

155

Високите претставници на Националниот совет за безбедност на Соединетите Американски Држави, шефот на Советот за европски прашања Џон Ерат и директорот за Балкан, Бред Беркли, им соопштиле на косовските власти дека САД ќе ги повлечат своите трупи од таа земја доколку не се исполни барањето на Вашингтон за суспендирање на санкциите што Владата на Рамуш Харадинај ги воведе на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.

Оваа информација, како што јави дописникот на МИА од Приштина, ја објави порталот „Газета Експрес“, цитирајќи сопствен извор, кој учествувал на средбите на, како што ги нарекува медиумот, „луѓето на (американскиот претседател, Доналд) Трамп“ со претседателот на Косово Хашим Тачи и другите челници на косовските институции.

– На досегашните средби се заканија дека можат да се повлечат од Косово и воено, исто како од Сирија, вели изворот на приштинскиот портал, кој напоменува дека САД во Косово моментно имаат околу 650 војници, стационирани главно во кампот „Бондстил“, кој е најголема американска база во Европа.

Високите претставници на Националниот совет за безбедност на САД, Ерат и Бредли, од вчера престојуваат во Приштина, каде допатуваа по дводневна посета на Белград и имаa средби со високи претставници на српската држава. Целта, како што објавија, е да помогнат во деблокирање на дијалогот за изнаоѓање конечно решение за споровите меѓу Косово и Србија.

Во Приштина претставниците на Националниот совет за безбедност на САД го повторија барањето на Вашингтон до Владата на Рамуш Харадинај да ја суспендира таксата на увозот од Србија, но косовскиот премиер останува упорен на ставот дека санкциите ќе ги укине тогаш кога Белград ќе ја признае косовската држава во нејзините сегашни граници.

Претседателот Тачи, пак, порача дека косовските институции треба да се замислат „во однос на добронамерното американско барање за суспендирање на такста и за отворање на можноста за постигнување договор (меѓу Косово и Србија) во текот на оваа година“.