Газдите побрзо да најдат кираџии – трипати повисок данок за празен стан од наредната година

Трикратно зголемување на данокот на имот се предлага ако објектот или земјоделското земјиште во сопственост на граѓани, фирми или на државата се неискористени. Петкратен данок, пак, се предвидува кога таков имот нема да се пријави

457

 

 

Граѓаните кои имаат вишок стан треба да почнат да бараат кираџии, зашто ако им остане празен, од наредната година за него ќе плаќаат три пати повисок данок.

Измените на Законот за даноци на имот кои од декември лани чекаа ред за донесување веќе се во собраниските процедури. Го поминаа првото читање во Собранието, па на утрешната седница се очекува во второ читање да добијат виза од матичната Комисија за финансирање и буџет.

Ако се донесат овие предложени измени, трипати повисок данок ќе плаќаат не само граѓаните за невселените станови, туку и државата и фирмите за недвижнините кои не им се функција, како и сопствениците на земјоделско земјиште што стои необработено. Според предлогот за измените, трипати повисок данок на имот ќе се пресметува ако недвижнината не се користи шест месеци во годината. Според актуелниот закон за станот во кој не живее сопственикот се плаќа два пати повисок данок од редовниот што го утврдува општината, но вакви пенали нема за државата, ниту за компаниите. За сопствениците на необработено земјоделско земјиште, пак, има олеснување, зашто петкратното зголемување на стапката на данок сега се заменува со трикратно.

Со предложените измени за даноците на имот предвидени се и казни за оние кои нема да пријават дека имаат недвижнина што не ја користат. Во тој таков случај ќе се плаќа пет пати повисок данок од утврдениот.

Стапките на данок остануваат исти, но се предлага да се смени начинот на кој се одредува вредноста на имотот.

– Стапките на данокот на имот од членот 3 на овој закон се пропорционални и изнесуваат од 0,10% до 0,20%. Стапките на данокот на имот можат да се утврдуваат според видот на имотот. Стапките на данокот на имот за земјоделско земјиште кое не се користи за земјоделско производство се зголемуваат три пати во однос на стапките пропишани во ставот (1) на овој член. Стапките на данокот на имот за другиот недвижен имот опишан во член 2 став (1) точка 1. од овој закон кој е во сопственост на државата или на општините, општините во градот Скопје и на градот Скопје како и во сопственост на физички и правни лица, а кој не се користи од сопственикот или не се издава под закуп подолго од шест  месеци во текот на една година, се зголемуваат за три пати во однос на стапките пропишани во ставот (1) на овој член. Државата, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, како и  физичките и правни лица кои нема да пријават дека не користат недвижен имот кој е во нивна сопственост, ќе платат данок по стапка пет пати повисока од пропишаните стапки во ставот (1) на овој член, стои во предлогот за измени на Законот.

Во катастарот се запишани нешто над еден милион станови, но колку од нив се празни, засега нема податок. Според заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, државата и општините располагаат со голем број недвижности, како детски одморалишта и разни комунални објекти кои никој не ги користи. За нив има трошоци, како што се одржување, обезбедување и слично, а ако не се најдат корисници згора на тоа ќе плаќа и три пати поголем данок. Нема податок за тоа колку запустени ниви има низ државата.

(С.В.)