Газдите ги дискриминираат своите вработени и затоа често им бегаат

Поради недостигот на работна сила, газдите смислуваат различни начини да дојдат до нови работници. Во последно време сè поголем број компании, банки и други институции даваат бонуси од 9.000 денари доколку донесат нов работник. Овој метод на привлекување вработени одамна постои на Запад и во многу случаи се покажал како ефикасен. Од бизнис-секторот велат дека ова е одговор на продолжената криза со недостиг на работници, која е особено изразена во летните месеци кога голем број работници одат на сезонска работа во соседните земји

254

Поради недостигот на работна сила газдите смислуваат различни начини да дојдат до нови работници. Во последно време сè поголем број компании, банки и други институции даваат бонуси од 9.000 денари ако донесат нов работник. Овој метод на привлекување вработени одамна постои на Запад и во многу случаи се покажал како ефикасен. Од бизнис-секторот велат дека ова е одговор на продолжената криза со недостиг на работници, која е особено изразена во летните месеци кога голем број работници одат на сезонска работа во соседните земји. Овие мерки можат да придонесат кон краткорочно решавање на проблемот, но велат дека потребни се нови долгорочни стратегии кои ќе обезбедат одржлив развој на работната сила.

Експертите сметаат дека многу газди ги дискриминираат своите вработени и затоа често им бегаат. Поради тоа компаниите нудат вакви бонуси за да донесат нови вработени со кои би се однесувале исто.

-Стимулирањето на постојните вработени да донесат нов работник е пракса која одамна постои на Запад, а последно време и ние ја применуваме. Во многу сектори и компании фалат работници и секој работодавач се снаоѓа на различен начин. И ние во нашата компанија го применивме овој начин за привлекување на нови работници, но не даде некој позначајни резултати, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ангел Димитров од Организација на работодавачи на Македонија.

Според него во државата треба да се направат измени во Законот за работни односи за да може да се ангажираат пензионери кои сакаат да работат. На тој начин што на пензионерите само ќе им се плаќа персонален данок, а пензијата ќе продолжат да си ја земаат.

-Овој начин на надминување на недостигот на работна сила постои во многу европски држави и добро е да се воведе и кај нас во услови на недостиг на работна сила, појаснува Димитров.

Миле Бошков од Бизнис конфедерација на Македонија смета дека не е толку очајна ситуацијата со наоѓање на работна сила колку што е очаен начинот на кој се ангажираат и на кој се раководат тие вработени со исклучок на мал дел од компаниите.

-Во државата има само 300 до 400 компании, кои имаат разбирање за човечкиот капитал, односно газдите имаат одговорен однос кон своите работници. Останатиот дел од сопствениците, газдите и менаџерите на компаниите не можат да ги задржат своите вработени, бидејќи не покажуваат почит кон нив, вели Бошков за весникот ВЕЧЕР.

Тој додава дека една од придобивките на модерните компании е да бидеш дел од семејството на компанијата, но ова многу газди го забораваат.

-Она што е многу важно од корпоративен аспект и од аспект на човечки ресурси е дека кај газдите не постои познавање за продуктивност, исполнителност, испорачување на одредени квоти…, додава Бошков.

Според него, за работникот најважно е да знае колкава му е платата, пауза, одмор, социјални бенефиции…., а газдите да немаат скриени намери и да се однесуваат човечки кон своите вработени. Многу газди ги дискриминираат своите вработени и затоа често им бегаат. Поради тоа компаниите нудат вакви бонуси за да донесат нови вработени со кои би се однесувале исто.

-За мене ова е поразително затоа што овие компании што нудат вакви пакети можат да ги затворат одделите за човечки ресурси, бидејќи очигледно дека некаде потфрлиле. Менаџерите и газдите, исто така, треба да си ги испитаат своите корпоративни политики и постапки и да видат каде е проблемот и зошто им одат работниците, додава Бошков.

Во нашата држава 92 отсто од компаниите се микро, мали и средни компании и немаат сектори за човечки ресурси. Само 5 отсто од компаниите имаат посебни сектори за човечки ресурси.

(А.С.)