В ПОНЕДЕЛНИК: Прскање против комарци во Вевчани

41

На територијата на Општина Вевчани, в понеделник ќе се врши адултицидна дезинсекција за уништување на возрасните комарци. Градоначалникот Спасе Кочовски информира дека ќе се прска околу Вевчанските Извори, по текот на Вевчанска Река, околу пречистителната станица и вештачкото езеро Јанков Камен, како и на улиците „Стружанка – Здравствен дом – Сретсело“, „Стружанка – Сретсело – Вевчански Извори“, „Бералиште – Даскалој – Чочорој“, „Пазариште – Варвара – Фарма“ и „Трансформатор – Бубаној – Јанков Камен“.

Третманот против возрасни форми на комарци, според информацијата од Општина Вевчани, ќе се изврши од земја, со употреба на УЛВ-машина прикачена на пикап возило. Ќе се користи препаратот „кулфак 50 ЕЦ“. Третирањето ќе се изведе по 20:00 часот, до раните утрински часови, само под добри временски услови, поради ефикасно извршување на третманот.

Доколку временските услови не дозволат да се спроведе третманот на дезинсекција, тогаш тој ќе биде одложен за наредниот ден или за некој друг ден со поволни временски услови.