Вучиќ распиша вонредни парламентарни избори: Партиите имаат 45 дена да допрат до бирачите

75

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го распушти Народното собрание и распиша вонредни парламентарни избори за 17 декември 2023 година.

„Почитувани граѓани, врз основа на член 109 ставови 1 и 5 од Уставот на Република Србија и врз основа на член 21 став 1 од Законот за претседателот на Републиката, на образложен предлог на Владата од 30 октомври 2023 година издавам указ за распуштање на Народното собрание на Ребулика Србија. Под еден, го распуштам Националното собрание избрано на 3 април 2022 година. Под два, оваа уредба влегува во сила со денот на објавувањето во Службен весник. Врз основа на член 109 став 6 од Уставот на Република Србија, член 20 став 3 од Законот за претседателот на Републиката и член 59 од Законот за избор на народни пратеници донесувам одлука за повикување на избори за пратеници. Под еден распишувам избори за пратеници за 17 декември. Под два, роковите за спроведување на изборните дејствија почнуваат да течат од денот на влегувањето во сила на оваа одлука. Под три, изборите за пратеници ќе ги спроведат органите за спроведување на изборите врз основа на одредбите од законот. Под четири, оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во Службен весник“ – објави претседателот Вучиќ.

Според законот, сите рокови за избори почнуваат од моментот на распишувањето.

Претседателот на Собранието на Србија, Владимир Орлиќ, претходно денеска распиша локални избори и за 17 декември, што ќе се одржат во 65 градови и општини во Србија.

Ова се 14-ти избори од воведувањето на повеќепартискиот систем во Србија, а десетти вонредни.

Од обновувањето на повеќепартискиот систем, со исклучок на изборите во 1990 година, Србија имаше редовно гласање во 1997 година, потоа во 2012 година и во 2020 година, кога заврши првиот мандат на Ана Брнабиќ како премиер.