Вучиќ разговараше со Столтенберг за ситуацијата во северниот дел на Косово

50

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска телефонски разговараше со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг по повод, како што изјави шефот на Алијансата, „загрижувачката состојба во северниот дел на Косово“.

Како што беше објавено од Претседателството, Вучиќ посочил дека Србија апсолутно со ниту еден потег не го прекршила Бриселскиот договор или Резолуцијата 1244, ниту пак на каков било начин го загрозила зачувувањето на мирот.

– Седум дена трае целосната окупација со оклопни возила на северот на Косово и Метохија, што ја спроведува Приштина, и сите во меѓународната заедница „гласно молчат“, истакна Вучиќ.

Тој укажа дека сите „одеднаш се загрижени кога гледаат српски хеликоптери и авиони на територијата на централна Србија, затоа што претпоставувам дека тие не треба да постојат или не треба да полетаат додека тоа не го одобри косовскиот премиер Албин Курти или некој од меѓународната заедница“.

Српскиот претседател изрази благодарност до генералниот секретар на НАТО Столтенберг за коректниот однос и желба да се сослуша српската страна, а на крајот од разговорот прашал „која норма и меѓународна регулатива ја прекршила Србија, денеска, вчера или кога било“.

– Србија ги почитува сите меѓународни договори што ги потпишала. Србија секогаш ќе се однесува одговорно и сериозно, но Србија и понатаму прашува кога ќе почне формирањето на Заедницата на српски општини и кога оклопните единици на Курти ќе бидат повлечени од северот на Косово и Метохија, додава Вучиќ.

Двајцата соговорници се согласија да останат во постојан контакт поради потребата да се зачува мирот и стабилноста во целиот регион.