Вучиќ на одбележувањето на 950 години од основањето на манастирот Прохор Пчински

105

Српскиот претседател Александар Вучиќ и патријархот на Српска православна црква (СПЦ) Порфириј денеска во Свети Прохор Пчински ја одбележаа 950- годишнината од основањето на манастирот.

На свеченост, претседателот Вучиќ од епископот Пахомије беше одликуван со Орденот на преподобниот Прохор Пчински, јави дописникот на МИА од Белград.

„Ќе го чуваме и штитиме косовскиот завет и Видовден, но ќе се грижиме и за иднината на нашиот народ во Косово, како и во Бујановац и на секое друго место каде што живеат Србите“ – рече Вучиќ во својот говор на јубилејот.

Тој истакна дека „за граѓаните е најдобро кога српската држава и црква растат заедно, иако не мора секогаш да се согласуваат, без црквата нема зачувување на националното и државното ткиво“.

Српскиот претседател на јубилејната прослава во Прохор Пчински го повика српскиот народ да се обедини.

„Единството на српскиот народ е поважно и потребно од кога било. Ние не сме толку слаби како што бевме, не сме толку силни како што би сакале, но ќе бидеме многу посилни од кога било ако сме обединети“ – истакна Вучиќ.