Претседателот на Извршниот одбор на Српската напредна партија Дарко Глишиќ изјави дека претседателот на Србија Александар Вучиќ на вонреден состанок синоќа во седиштето на партијата рекол дека е подготвен да се повлече од функцијата претседател на СНС.
„Доколку претседателот Вучиќ стои на ставот и поднесе оставка, мислам дека тоа е крај на СНС, крај на кариерата што СНС ја имаше на политичката сцена во Србија и мислам дека после тоа ќе следи најлошото можно сценарио за Србија, што не можам ни да го замислам“, изјави Глишиќ за телевизија „Пинк“ по средбата посветена на решението на ситуацијата на Косово и Метохија.
Белградските медиуми јавија дека претседателот Вучиќ синоќа околу 21 часот го напуштил состанокот со своите најблиски соработници во седиштето на СНС во Нов Белград.
Вучиќ го информирал партиското раководство за притисоците од Западот врз Србија во врска со Косово и Метохија, а набргу потоа го напуштил партиското седиште. Одредени функционери порачаа дека натамошните преговори со ЕУ и САД не треба ни случајно да се прифатат.
Вучиќ го слушаше сето тоа, а потоа рече дека ако некој мисли дека може подобро, ќе се повлече.
Тој рече и дека ако народот одбие преговори и ако некој мисли дека земјата треба економски да се уништи, ќе го препушти управувањето со државата на „попаметните луѓе“.