Град Скопје продолжува со втората фаза за реализација на стратешкиот проект од програмата „За модерно Скопје“ за испитување и студија за магистралните водоводни цевководи.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, ја промовираше изработката на стратешката Студија за дијагностика и утврдување на состојбата на двата постоечки челични водоводни цевководи, со димензија 1.600 милиметри која се прави за прв пат од нивната изградба.
– Водоснабдувањето на град Скопје од количини на вода кои се расположливи од двата каптажни објекти на изворот Рашче, се движи преку двa челични цевководи. Во втората фаза се анализира состојбата на самите цевки во нивниот надземен и подземен дел во општина Ѓорче Петров, состојбата на објектите кои се изградени за правилна експлоатација на цевководот, односно армирано бетонските шахти со хидро машинска опрема, мостовската конструкција на надземниот дел од цевководот, како и опремата за активна катодна и останата заштита – истакна Арсовска.
Таа информираше дека експертите и професорите од Машинскиот факултет ги работат испитувањата на терен, со цел да се добие прецизна студија за магистралните водоводни цевководи, а студијата треба да даде информации какви мерки треба да се преземат за да се превенираат несакани појави во иднина и да се имаат сите информации за овие клучни цевководи во Скопје.
Од Град Скопје велат дека имајќи предвид оти цевководите се челични и градени во пост-земјотресниот период започнати во 1964 година, со оваа студија би се добила детална слика за состојбата и би се оформиле насоки за идни потреби на инвестиции во овој сегмент.
-Суштината на изработката на стратешката студија е утврдување на состојбата на двата главни магистрални метални цевководи, едниот кој оди по трасата на булевар „Партизански одреди“ и другиот по булеварите „Словенечка“ и „Босна и Херцеговина“ – нагласуваат од Град Скопје.