Во организација на прилепското здружение „Маркови точакчии“, в недела ќе се одржи втората по ред планинска велосипедска тура „Ramnište Cave MTB“.
Здружението очекува над 100 учесници од цела Македонија. Тие ќе пристигнат утре и камперите ќе бидат сместени во кампинг-зоната кај манастирот „Свети Димитрија“ во селото Ореовец.
– Учесниците ќе имаат можност да искусат повеќе типови патеки, од широки патишта, па сè до „single track, uphill и downhill“, доста брзи, но и доста бавни сегменти и сето тоа што го прави возењето да биде комплетно уживање. Ќе има четири освежителни пункта, каде што ќе може учесниците да ја надополнат загубената енергија. По завршувањето на турата, следува ручек со превкусна прилепска скара и со ладно пиво, како и со пригодна лотарија – објасни Дејан Штаргоски, член на Здружението „Прилепски точакџии“.
Учесниците ќе пристигнaт утре, а в недела од 9:00 часот е возењето на велосипедската планинска тура. Ќе бидат посетени: Плетварското Езеро, Прилепското Езеро, реонот Пештерица, манастирот „Свети Ѓорѓија“, планинарскиот дом „Дервен“, Борула, селото Крстец, пештерата Рамниште, која ќе биде целосно осветлена, а се завршува повторно во селото Ореовец.
Станува збор за среднотешка тура, со тежина 7/10, која е комплетно „off-road“, долга 36 километри, со над 900 метри елевација, на која учесниците ќе имаат можност да искусат повеќе типови патеки, од широки патишта, па сè до „single track, uphill и downhill“, доста брзи, но и доста бавни сегменти, што го прави возењето да биде комплетно уживање.
Со оглед на фактот дека е патеката 100 проценти „off-road“, потребен е технички исправен велосипед, а заштитната кацига е задолжителна. Во текот на турата ќе биде обезбедена техничка помош за санирање мали дефекти, доколку е потребно. Екипите на Службата за итна помош и на ТППЕ – Прилеп ќе бидат присутни во случај на каков било евентуален немил настан.