Врховниот суд на САД ја префрли одлуката за имунитетот на Трамп на пониските судови

430
Фото: EPA-EFE/SHAWN THEW

Американскиот Врховен суд денеска пресуди дека поранешните американски претседатели уживаат апсолутен имунитет за она што го правеле на функцијата и немаат имунитет за она што го правеле надвор од функцијата.

Сепак, највисоката судска инстанца остави на пониските судови да утврдат како тоа ќе влијае на случајот на обвинетиот поранешен претседател Доналд Трамп, фаворит за ноемвриските избори.

Оваа значајна одлука носи ново одложување на кривичната постапка против Трамп, кој беше обвинет од специјалниот обвинител Џек Смит за заговор за напад на Капитол во 2021 година со цел да ги поништи резултатите од претседателските избори во 2020 година, кои ги загуби од Џозеф Бајден.

Според АП, речиси целосно исчезнале шансите судењето на Трамп да започне пред ноемвриските избори, каде што тој речиси сигурно ќе биде претседателски кандидат на опозициската Републиканска партија на САД.

Судиите, со мнозинство од 6:3, за прв пат јасно ставија до знаење кога поранешниот претседател ужива имунитет, а кога не, но им наложија на пониските судови сами да утврдат како таа одлука треба да се примени во случајот на Трамп.

Тоа е втора голема одлука на Врховниот суд на САД во врска со Трамп и ја покажува, како и претходната во која беше одбиен обидот да му се забрани учество на претстојните избори, директната и веројатно непријатна улога на највисоката судска инстанца во Америка има во врска со претстојните избори, оценува АП.

Трамп, кој никогаш не ги призна резултатите од изборите во 2020 година, бидејќи верува дека биле наместени, тврди дека не направил ништо лошо и дека сите четири кривични постапки против него се политички мотивирани за да го спречат да се врати во Белата куќа.

Во мај оваа година, Трамп стана првиот поранешен претседател на САД кој е осуден за кривично дело – пред суд во државата Њујорк. Тој се соочува со уште три случаи, од кои два се на федерално ниво предводени од обвинителот Џек Смит – еден за обид за поништување на изборните резултати, а другиот за незаконско ракување со доверливи документи.

Доколку Трамп не стане повторно претседател во ноември, можно е наскоро да биде изведен пред суд, но доколку победи, може да назначи свој јавен обвинител кој ќе ја прекине постапката пред федералните судови, а постои можност да Трамп како претседател ќе се помилува себеси – освен во случајот Њујорк, каде што веќе е осуден.