Врховниот суд на Бразил ја забрани работата на платформата X

45

Судијата на Врховниот суд на Бразил, Александре де Мораес, нареди забрана за работа на платформата Х во земјата, бидејќи не е назначен правен претставник за платформата за пораки во Бразил.

Платформата Х е забранета во Бразил, со одлука на судијата на Врховниот суд на земјата, Александре де Мораес, бидејќи не е назначен правен претставник за платформата за пораки, објави Ројтерс.

Мораес неколку месеци јавно се кара со сопственикот на X, Илон Маск, откако социјалната мрежа не ги исполни законските наредби за блокирање на одредени сметки обвинети за ширење лажни вести и говор на омраза.

Во одлуката на судот се наведува дека казните за поединци и компании кои користат алтернативни начини за пристап до платформата X ќе изнесуваат до 50.000 бразилски реали или нешто повеќе од 8.000 евра на дневна основа.

Државниот регулатор за телекомуникации „Анател“ е должен да ја спроведе одлуката на судот во рок од 24 часа.

Претходно вчера бразилскиот претседател Лула да Силва изјави дека Илон Маск мора да ја почитува одлуката донесена од Врховниот суд на Бразил.

Во своите објави на X, Илон Маск го спореди Мораес со Лорд Волдеморт, лик од серијата Хари Потер и го нарече диктатор во маската на судија.